Италијанска фирма нуди решение за лето на плажа среде коронакриза

Компанијата „Нуова неон груп 2“ од Италија понуди солуција за летово, сепак, безбедно да се користат плажите среде пандемијата од коронавирус – кабини од плексиглас.



Тие би биле високи два метра, а широки 4,5 м, односно доволно пространи за во нив да се сместат две лежалки и еден чадор за сонце, со кои ќе се исполни барањето за социјално дистанцирање.

„Пред една недела се обидовме да замислиме како ќе изгледа враќањето на плажа. Идејата е родена во желбата да се заштитиме, но и за да се овозможи повторно покренување на активностите“, изјави директорот на фирмата, Клаудио Ферари, за италијанскиот весник „Република“.

Фирмата, кој веќе добила нарачки од италијански плажи, се занимава со производство на панели, а во последно време се специјализира за изработка на заштитни прегради за банки, болници, но и ресторани.