Македонските фудбалери храбро се носеа со европскиот првак на Олимпискиот стадион во Рим, но Италија со голови во финишот стигна до убедлива победа од 5:2 во квалификациите за ЕП 2024 во Германија и се одмазди за пропуштениот мундијал во Катар поради поразот од 1:0 во Палермо минатата година.
Мотивирани од желбата да вратат и за загубените два бода во јунското реми 1:1 во Скопје, „аѕурите“ силно тргнаа кон голот на Столе Димитриевски и уште по првото полувреме имаа водство од 3:0 со головите на Матео Дармјан во 17. минута и на Федерико Киеза во 41. минута и во втората минута од судиското надополнување. Предноста можеше да биде и поголема, но македонскиот голман во 40. минута му одбрани пенал на Жоржињо.
„Црвено-жолтите“ се вратија во игра со погодоците на резервистот Јани Атанасов во 52. минута и во 74. минута, пред триумфот на домаќинот да го обезбедат Џанлука Распадори во 81. минута и Стефан ел Шарави во третата минута во судиското продолжение.
Со четвртиот пораз во својот седми натпревар во групата Ц, избраниците на селекторот Благоја Милевски и дефинитивно ќе ги завршат квалификациите како претпоследни, пред фенерџијата Малта, која загуби со 2:0 на „Вембли“ од веќе пласираната Англија, последниот ривал на Македонија в понеделник на Националната арена „Тодор Проески“.






