Фудбалската репрезентација на Италија по 53 години ја освои својата втора титула европски шампион, откако во финалето на „Вембли“ го совлада на пенали домаќинот Англија.
Лук Шоу му донесе водство на Гордиот Албион уште во 2. минута, израмни Леонардо Бонучи во 67. минута, а изведувањето на ударите од белата точка заврши со 3:2 за „азурите“.
За Италијанците погодија Берарди, Бонучи и Бернардески, Белоти и Жоржињо не, а за Англичаните стрелаа прецизно Кејн и Мегваер во првите две серии, за потоа да не реализираат Рашфорд, Санчо и Сака.
Јунак во пенал-рулетот беше италијанскиот голман Донарума, кој одбрани два пенала во серијата, вклучувајќи го и последниот на Сака.
Англија не успеа да ја урне лошата традиција и 55 години по светската круна на своја почва повторно остана без шампионскиот пехар на големо натпреварување.
За Италија, пак, ова е шесто злато, вклучувајќи ги и четирите од светските шампионати.






