Апелацискиот суд во Бари го одби македонското барање за екстрадиција на 58-годишен Албанец, кој Судот во Скопје го товари како дел од организирана трговија со луѓе и малолетници, поради „ризик од подложување на суров, нечовечен или понижувачки третман“ во затвор, како и на „прогонувачки и дискриминирачки акти“ поради неговата „албанска националност“!
Човекот бил уапсен во Бари од страна на италијанската гранична полиција на 15 јануари 2018 година по барање од Македонија за апсење заради екстрадиција. По низа одложувања за да се спроведе истрага и увид во предметот, Судот одлучи да не одобри екстрадиција и нареди итно ослободување на 58-годишникот.
Во образложението за одлуката Апелацискиот суд во Бари истакнува дека од приложените докази за осомничениот има „само истражна хипотеза“ и анализа на опасностите со кои човекот ќе се соочи, ако биде екстрадиран, поради „војната меѓу Македонците и албанското малцинство“, објави телевизиската станица Телебари.
Судиите потоа прават реконструкција на наводните „нечовечки и понижувачки услови на притворот“ во македонските затвори, врз основа на извештаите на Европски комитет за спречување тортура. Во овие документи се наведуваат „нездрави услови за живот во пренатрупани средини, небезбедни и нехигиенски“, сместување до пет лица во ќелии од осум квадратни метри, со „нефункционални тушеви и без топла вода“, изложеност на затворениците на „каснувања од инсекти и на инфекции, како шуга“, „без вода за пиење“. „Режимот кој им се нуди на затворениците“ е дефиниран како „остаток од репресивното минато” и „навреда за човековото достоинство“.
Судиите ги опишуваат затворите во кои „секој аспект на притворот е за продажба – од добивање место во пристојна ќелија, одење дома, медицинска услуга, до мобилен телефон и лекови“, каде што „насилството е интегрално поврзано со ендемичната корупција што го зафаќа целиот затвор и вклучува затворски службеници“.




