Италија му додели орден на македонски научник и патриот

Италијанската држава односно претседателот на Република Италија Серџо Матарела му додели највисоко државно признание на македонскиот историчар Проф. Митко Панов за неговата научна дејност на полето на историјата.



Амбасадорот на Италија во Скопје Андреа Силвестри му врачи на професорот Митко Панов орден за заслуги „Витез на Ѕвездата на Италија“, доделен од Претседателот на италијанската Република.

,,Утрово свечено беше отворен единаесеттиот Меѓународен симпозиум „Денови на Јустинијан Први“, кој традиционално собира бројни научници и академици од балканските земји и од целиот свет кои го истражуваат големото историско, културно и духовно наследство на Византиската империја. Овогодинешното издание кои предвидува дводневни активности и учество на еминентни научници од целиот свет, е посветено на темата „Наративи“.

Симпозиумот беше отворен со поздравните говори на професорите Митко Панов од Институтот за национална историја на УКИМ и Џузепе Маино од Универзитетот во Болоња, Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, Архиепископот на Македонската православна црква г. г. Стефан и Амбасадорот Андреа Силвестри.

Во неговото обраќање Амбасадорот најпрво ја пофали длабоката посветеност на организаторите на симпозиумот чија иницијатива придонесува за научно продлабување на историските и културни врски меѓу Италија и Северна Македонија.

Силвестри потоа се заблагодари и на сите институции кои ја поддржуваат реализацијата на меѓународниот форум и на учесниците кои гарантираат многу високо ниво на дебата и истражување.

„Нашата Амбасада е горда што го поддржува овој симпозиум кој го оживува интересот за наследството на Јустинијановата ера, како особено богат предмет за анализа и стимул за натамошни истражувања“, изјави Силвестри.

Во оваа прилика, истакнувајќи го извонредниот придонес на оснавачот на Симпозиумот и Претседател на научниот комитет, кој низ годините се докажа како еден од најистакнатите промотори на научната и културната соработка меѓу Италија и Македонија, Амбасадорот му врачи на професорот Митко Панов орден за заслуги „Витез на Ѕвездата на Италија“, се вели во објавата на амбасадата на Италија за орденот доделен од Претседателот на Италијанската Република.

Панов важи за еден од најголемите противници на ,,северна” и е еден од најголемите македонски научници и патриоти.