Колку во Италија сериозно се сфаќа натпреварот со Македонија од баражот за Светското првенство 2022 во Катар зборува и најавата за можно одложување на колото од Серија А пред средбата закажана за четврток 24 март на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.
„Побаравме од Лигата да го одложи првенственото коло од 20 март за да ѝ помогнеме на репрезентацијата во баражот за Светското првенство, иако знаеме колку е набиен календарот во Серија А. Ќе видиме…“, изјави Габриеле Гравина, претседател на Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ).
Со одложување на колото селекторот Роберто Манчини би добил повеќе време за подготовка за мечот чиј победник четири дена подоцна за противник би го имал подобриот меѓу Португалија и Турција во директниот дуел за пласман на СП.





