Луѓето од ИТ сектор се шокирани од проектот на владата која најавува дека со курсеви ќе обучи луѓе да стекнат знаења кои се добиваат со завршување на факултет или долгогодишно проучување.
“Може јас да се преквалификувам во нотар со 1 курс, а младите курсисти нека работат мрежи, секјурити, хибрид клауд?”, прашува еден долгогодишен ИТ експерт специјализиран за безбедносни прашања.
Владата вчера најави дека со нешто повеќе од 500 илајди евра ќе се преквалификуваат 1.253 невработени млади лица до 34 години.
Ваквата мерка, според владата следува по анализите направени на пазарот на труд , особено во ИТ секторот во кој опстојуваат повеќе од 2.000 компании кои се соочуваат со дефицит на кадар. Во обид да се обезедат нови вработувања и да се задржат младите во земјава, направен е план за обука на млади луѓе кои би се квалификувале токму за оваа индустрија.
“Да се разбереме, информатичар се станува со темелно школување, и мулти дисциплинарно. Не со еден курс.
После ќе треба ние по фирмите да ги дообучуваме 2 години, или ќе трпи јавен сектор, со приучени. Башка во ЕУ и Нато се бара тежок ИТ професионализам.
Вие тие пари да си ја описмените јавна администрација!”, пишува Николај Заљесов кој повеќе од 2 децении се занимава и го изучува ИТ бизнисот.
“Дајте ви се молам малку посериозно, па на што личи ова? Информатичари не се експрес лонци па да може да се произведат на некаков курс! Срамота! Какво потценување. Инвестирајте во преквалификација за струки од кои луѓето навистина може да стекнат знаење, не ги лажете со вакви глупости!”, порачува Роберт Милески сопственик на ИТ компанија која работи на европскиот пазар.





