Историски триумф на дебитантот Алкалоид во Европската лига

Ракометарите на Алкалоид имаат две причини за славење по победата од 28:27 над Ла Риоха во арената „Јане Сандански“ – прва за нив во дебитантската сезона од Европската лига, плус доволна за третото место во групата Ф благодарејќи и на ремито со шпанскиот претставник на негов терен во првиот меѓусебен дуел.



Македонскиот вицешампион во средината на првото полувреме губеше со 10:5, но на одморот замина со водство од 15:13, кое во почетокот на вториот дел достигна максимални 18:14, пред гостите од Логроњо со пет гола во низа повторно да поведат.

До крајот на средбата двата тима се менуваа во водство, Ла Риоха во последните пет минути влезе со предност од 26:25, а решавачкиот удар на противникот му го зададе Марко Митев со два погодока во финишот за недостижни 28:26.

Токму 20-годишниот среден бек на „фармацевтите“ беше убедливо најефикасен во тимот на Кирил Лазаров со 10 гола од 13 обиди, а вториот јунак во домашниот тим е 19-годишниот голман Иван Галевски, кој запиша 17 одбрани, скротувајќи 40 проценти од ударите кон неговиот гол!

Победник на групата е дански Силкеборг, кој во последниот круг дома ја совлада Војводина со 26:22 и заврши со 10 бода, два повеќе од српскиот тим, а Алкалоид и последнопласираната Ла Риоха освоија по 3.