Историчар од Косово повикува да се изберат една Влада, претседател и Парламент за сите албански територии, за да се реши албанското прашање!

„За да се реши конечно албанското национално прашање во Балканот, треба да функционираат една Влада, еден Претседател и еден парламент за сите албански територии. Нужно е Албанците да создадат заеднички ‘Проект’ и врз основа на него да се започне со акција за решавање на албанското прашање на сите нивни територии.“ – истакнува Сами Арифи, историчар-истражувач и книжевен автор од Косово, во својата колумна со наслов „Како да се реши албанското национално прашање?“, која ја објави влијателниот косовски весник „Бота сот“.



Арифи пишува: Другите народи во Европа веќе го решија националното прашање, но албанското национално прашање сè уште останува нерешено. За да бидат Албанците под еден заеднички чадор, било во една единствена албанска држава, или во неколку албански држави, кои ќе бидат обединети, тие треба да исполнат некои услови, кои се нужни.

Еден од тие услови е да имаат заеднички „Проект“, заради акција за решавање на албанското прашање на сите нивни територии. Тој проект треба да се изготви од една Академија, што ќе ја сочинуваат академици од сите албански територии, кои ќе добиваат плата за тоа и кои ќе работат со дух на љубов кон татковината за решавањето на албанското национално прашање. Преку оваа Академија ќе се создава хомогено размислување на нашиот народ за решавање на големата национална кауза на албанското прашање.

Без една неограничена економија на Албанците на нивните територии, без централизирана армија за сите албански територии, без заеднички универзитет за сите Албанци не може да се постигнат целите за решавање на нашата национална кауза. За да се остварат овие наведени цели, треба да функционираат една Влада, еден Претседател и еден парламент за сите албански територии.

Овој „Проект“ може да го направи само Академијата, која ја споменавме претходно. Ова може да претставува и “Национален отпор“ на нашиот албански народ, кој ќе не поттикне нас и нашите меѓународни пријатели за решавање на албанското национално прашање.