Според историчарот Воин Божинов од Бугарската академија на науките (БАН), „темата за ‘Македонци’ во Бугарија отсекогаш била присутна во документите што доаѓаат од Брисел и од Стразбур“.
„Ова е најчестата и прилично елементарна алатка за постојан притисок врз нашата земја“, додава тој во интервју за Бугарското национално радио (БНР).
„Европската унија е лицемерна организација на двојни стандарди, а ние сме народ од втор ред и тоа треба да ни биде напомнето. Во Европскиот парламент и во европската политика има едно неолиберално јадро, кое не може да ја сфати проблематиката на Балканот или ја сфаќа преку својата либерална призма. Интересен е пристапот на ЕУ: ‘Вие треба да ги решите проблемите’ и толку. Никој од нив не навлегува подлабоко“, објаснува Божинов.
Тој прогнозира дека и понатаму ќе продолжи притисокот врз Бугарија да признае едно малцинство: „Европа си мисли дека тоа е прашање што нема никаква врска со нашиот национален идентитет“.
Според него, „македонизмот е заснован исклучиво и само на антибугаризмот“.
„Ако во Скопје почнат да ги земаат предвид историските факти, тоа ќе обесмисли постоењето на таа држава и на т.н. македонска нација. Тие можат да си дозволат луксуз да отстапат од античката историја, но не можат да престанат да ја фалсификуваат бугарската историја. Фалсификувањето на бугарската историја е во основата на ‘македонската нација’ и на ‘македонската држава’“, категоричен е историчарот.
Тој не верува дека Бугарија може да го блокира членството на Македонија во ЕУ поради спорни прашања, „бидејќи притисокот од Берлин е многу сериозен“.
„Во последните години Софија нема навика да ѝ кажува ‘не’ на германската страна. Во последен момент ќе дозволиме меѓувладина конференција, што ќе биде последната сериозна шанса што ја имаме за да оладиме нечии глави во Скопје. Во спротивно, ќе ни се качат на глава, што веќе и го прават“, вели Божинов.






