Исто како во времето на корона-карантинот, улиците околу „Борис Трајковски“ каде се одржува самитот се пусти

Празни улици, полиција, хеликоптери, забрзани колони со светските делегации. Вака утрово изгледаат улиците околу салата „Борис Трајковски“ во која втор ден се одржува Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, објави 360. Како што се приближувавме кон СЦ „Борис Трајковски“, се зголемуваа и обезбедувањето и контролите. По улиците по некој пешак и забрзани возила со делегациите што учествуваат на настанот.



Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ на булеварот „Партизански одреди“ е затворено, како и останатите училишта во Скопје.

Само една од трафиките во близина утрово беше отворена. Продавачот замислено гледаше низ отворот на трафиката кога го прашавме како тргна денот.

Денеска ништо не работи. Ниту училиштето во близина. Децата ни прават најмногу промет. Празно е утрово. Така ќе тераме“, рече тој.

Улицата „8 Септември“ е затворена за возила. Полицаецот што патролираше на барикадата ни рече – штом имате акредитација, слободно движете се кон спортскиот центар пеш. Повозрасна жена, со црвен капут, која живее во скопската населба Карпош веднаш до поранешната Воена болница, а сега „8 Септември“, рече дека ќе оди на доктор. Се движеше пеш и не наиде на проблем.

Не се движам многу. Денеска решив да одам на доктор во ‘8 Септември’. Па, ќе видам, можеби ќе завршам работа. Лично никој не ме информирал за режимот на движење. Тоа што слушам на вести. Но еве, барем пеш можам да се движам“, рече таа.