Испад на далекуводот, трафостаницата Скопје 4 кон трафостаница Бунарџик и пожар во близина на трафостаницата беше причина за прекин со снабдувањето на електрична енергија, вели генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани за Утрински брифинг.
Тој објаснува дека овие фактори условиле испаѓање од погон на двата 400 киловолтни трансформатори, поради што делови од Скопје, Штип, Свети Николе и други населени места вчера попладне останаа без струја.
Тој додаде дека заштитата на трансформаторите како најскап елемент во трафостаницата е многу осетлива и има основна цел да ги штити трансформаторите од оштетување на надворешни куси врски.
Според него исклучена е можноста човечки фактор да е причина за дефектот кој вчера го остави главниот град без струја.
„Според експертското мислење на службите, станува збор за дефект која се појавува одвреме навреме и минимални се шансите причина за дефектот да биде човечки фактор, бидејќи последиците можат да чинат човечки живот. Се работи за стандареден дефект кој се појавува одвреме на време“, дециден е Муртезани.
Причините сѐ уште не се утврдени, но МВР ги проверува снимките од безбедносите камери поставени во близина на местата каде што се случија дефектите.







