Исмаили: „Шаќир Фетаи, ’реисот’ на ИВЗ, легитимира радикални екстремисти во Македонија, за да си ја спаси позицијата!“

„Дали на Македонија и се закануваат радикализам, насилен верски екстремизам и тероризам? Во Извештајот на ЕУ за с.Македонија се подвлекува дека таа има реални показатели, кои ја потврдуваат опасноста од екстремни и терористички активности, се во име на исламската религија. Но, Шаќир Фетаи, самонаречениот ‘реис’ на Исламската верска заедница на Македонија, целосно негира дека постои оваа појава постои во земјата, додека имаше апсења и судења на радикални лица, кои се обвинети за нивните терористички дела во обид да кренат во воздух јавни места!“ – вели Валбон Исмаили во својата колумна со наслов „Институција што легализира и легитимира екстремизам и радикализам“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „ин7“.

Исмаили пишува: „Во Извештајот на ЕУ за с.Македонија се предупредува дека земјата треба да направи повеќе во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам. Се бара до 2022 година земјата да ги исполни сите препораки на Европската комисија во врска со ова прашање и оваа реална опасност. Во с.Македонија големо мнозинство муслимани се Албанци. Значителен дел од нив учествувале во странски војни, во Сирија и на други места! Според некои податоци, од 2012 година во конфликтните подрачја заминале 143 граѓани на с.Македонија, од кои 69 се вратиле, а 38 се убиени. Петмина се борци активни во конфликтните зони, додека четворица се затворени во Сирија. Во јули 2021 година 23 лица (четворица мажи, пет жени и 14 деца) беа вратени од Сирија и Ирак. Во затвор моментно се 11 странски терористички борци, 6 се ослободени од затвор во 2020 година и ниеден во 2021 година!“

„Зошто Шаќир Фетаи се обидува да ги сокрие овие факти, дури и јавно кажува спротивно од извештаите, кои што ги подготвуваат меѓународни центри со непобитна релевантност? Неговото доаѓање на чело на Исламската верска заедница беше извршено исклучиво преку екстремистички и радикален дух, кршејќи ги сите нормативни акти на единствената исламска институција во с.Македонија.“

„Исламската верска заедница прва во регионот и пошироко се огласи со јасен проект, поддржан од многу меѓународни фактори, што се однесуваше на спречувањето на овие појави, со развој на кампањи за кревање на свеста против вклученоста на муслиманите од Македонија во војни, кои не се ниту верски ниту национален интерес. Проектот на Исламската верска заедница на Македонија предвидува и воспоставување механизми и капацитети за ресоцијализација на сите, кои ќе се вратат од конфликтните подрачја! За овој проект од 2015 година со почит се зборуваше и во Советот на Европа! Но, тој проект беше стопиран. Неговите двајца изготвувачи беа набркани од работа, благодарејќи на лицемерството и на одвратните стратегии на Шаќир Фетаи.“

„Во своето последно ТВ-интервју Шаќир Фетаи категорично демантираше дека кај нас има екстремизам и верски радикализам! Негираше, затоа што ова е периодот кога ќе почне да легитимира и институционализира мноштво структури, кои во суштина и во акција се екстремистички и многу радикални, за да ја спаси својата позиција, преземена по пат на предавство и заговор. Чувствувајќи се загрозен, Фетаи нив ги легитимира, соработува со нив и затоа се труди да ја зачува нивната ‘филозофија’, категорично спротивставувајќи се на тоа дека во нашето општество ‘врие’ од екстремни структури!“

„Невклучувањето на сите национални и верски структури во откривањето и елиминацијата на овие појави, ноншалантното настојување тие да бидат легитимирани и институционализирани од страна на Шаќир Фетаи и од скопскиот ‘муфтија’ Ќенан Исмаили, е однесување, кое тешко ќе и наштети на албанската кауза во Македонија и во регионот! Бидејќи, интересите на екстремистичките групи, ситните интереси на Шаќир Фетаи и Ќенан Исмаили и на сличните ним, во ниеден елемент не се совпаѓаат со националните интереси и стратегија на Албанците, но и на муслиманите од регионот.“

„Фактот што Фетаи, како верски ‘реис’, не е на линија со анализите и извештаите на највисоките европски инстанци, покажува дека тој и неговите сегашни соработници се со двете нозе, во ‘казанот’ за кој говори и последниот извештај на ЕУ за с.Македонија. Шаќир Фетаи не знае дека с.Македонија има ‘Национална стратегија за борба против тероризмот’ (2018-2022) и ‘Стратегија за борба против насилниот екстремизам’ (2018-2022)! Но, што ѝ требаат на с.Македонија овие два стратегиски документа, ако е вистина она што го вели Шаќир Фетаи дека во државата нема ниту насилен екстремизам, ниту радикализам!“ – нагласува Валбон Исмаили во својата колумна.