Со убедлива игра и триумф од 3:1 пред 17.000 свои навивачи во Скопје, фудбалската репрезентација на Македонија го освои второто место во квалификациската група Ј и првпат во својата историја ќе игра бараж за Светско првенство!



Избраниците на селекторот Благоја Милевски не само што не ја загубија главата откако во 54. минута Јон Дагур Торстеинсон го „поништи“ водечкиот гол на Езгјан Алиоски од 7. минута, туку со двата гола на Елиф Елмас во 65. и во 87. минута го заокружија подвигот.

ВАР два пати беше против „црвено-жолтите“, првпат поништувајќи го голот на Дарко Чурлинов за 2:0 во 40. минута поради офсајд, а потоа потврдувајќи го погодокот на Торстеинсон за кој имаше сомнеж за недозволена позиција, но не ја запре Македонија.

Во годината кога првпат заигра на Европско првенство, македонскиот национален тим е и на два чекора до мундијалот в година во Катар, изборувајќи уште два натпревара во март.

Македонија ги заврши квалификациите со 18 бода, еден повеќе од Романија, која во последното коло славеше со 2:0 во Лихтенштајн, а прва со 27 е Германија, која ја победи Ерменија со 4:1 во Ереван.