Само 11,7 проценти од граѓаните имаат целосна доверба во Владата. 27,1 отсто и даваат донекаде доверба, додека целосна недоверба имаат огромни 39,2 %. Недоверба донекаде искажале 21,3 проценти од испитаниците.
За сопствени потреби, агенцијата М-Проспект, во периодот од 7 до 16 октомври 2021 година, спроведе телефонско истражување со цел испитување на јавното мислење на граѓаните во однос на локалните избори на 17 октомври 2021 година и на факторите на влијание врз изборот. Беа испитувани перцепциите за локалните избори, за политичката понуда, за гласањето на локалните избори и дали има промена во гласачките преференци, како и други фактори на влијание – насока на движење на државата, доверба во владата, надворешна политика (односот со Бугарија), како и одговорноста за пожарот во ковид-центарот во Тетово.
Анкетата беше спроведена на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, постари од 18 години, со маргина на грешка од +/- 3% со ниво на доверба од 95%. Опфатени беа сите осум статистички региони, притоа земајќи го предвид односот на рурални и урбани средини. Случајниот избор на испитаници обезбедува репрезентативност во однос на полот, возраста, етничката припадност, нивото на образование и работниот статус.
Граѓаните беа прашани дали ја следат кампањата за локалните избори, за политичката понуда, дали ќе гласаат на локалните избори и дали има промена во гласачките преференци. Двајца од тројца граѓани, или 65,5%, целосно и донекаде ја следат кампањата за локалните избори. Повисок интерес за кампањата (70,5%) има меѓу етничките Македонци, отколку кај етничките Албанци (53,7%). Со најголем интерес кампањата ја следат гласачите на СДСМ (79,1%).
Мало мнозинство или 52% се целосно или донекаде задоволни од политичката понуда (кандидати/програми) на локалните избори.
Во однос на веројатноста за гласање на локалните избори, 30,1% од испитаниците се сигурни дека ќе гласаат, а 35,8% веројатно ќе гласаат, или вкупно 65,9% рекле дека ќе гласаат на локалните избори.
Одѕивот на првиот круг на локалните избори на 17 октомври 2021 година изнесува 51,44% или 938.631 граѓани. Одѕивот се пресметува во однос на вкупниот избирачки список кој содржи и граѓани на Македонија, гласачи, кои не живеат во земјата. Доколку се земе предвид пописот од 2021 година, може да се претпостави дека бројот на гласачи кои се присутни во земјата изнесува околу 1.5 милиони гласачи и од тука реалниот одѕив е околу 62%. Граѓаните кои велат дека ќе излезат на изборите (65,9%), се во релација со граѓаните кои ја следат изборната кампања (65,5%). Помалку етнички Албанци (50,6%) се изјасниле дека ќе излезат на локалните избори. Тоа може да биде во сооднос со помалото задоволство од политичката понуда.
Додека големо мнозинство од 78,2% од граѓаните не ги промениле гласачките преференци од минатите парламентарни избори во 2020 година, 18,8% сепак изјавуваат промена на гласачките преференци. Водечка причина за промена на гласачките преференци е движењето на земјата во погрешна насока (69,7%), по што следат кандидатите и програмите (20,7%). Кампањата има влијание кај 3,2%, а анкетите за рејтинзи на 1,1%.





