Локалните избори се единствената шанса да се остварат насушно потребните промени во локалното живеење на населението во општините во Македонија, но и уште повеќе: врз основа на убедлива промена во соодносот на политичките сили во земјата да се издејствува одржување предвремени парламентарни избори и потоа да се пријде кон неодложното остварување на најитниот и највисок национален приоритет на македонскиот народ – „демонтажата“ на „северна“.
Дали е можен ваков развој на настаните?
Задржувајќи ја сопствената вонпартиска позиционираност, во анализава ќе го истакнам следново: ВМРО ДПМНЕ е најголемата опозициска политичка партија во Македонија, која има и сила и можност во дадениов општествено – политички момент да го порази СДСМ на претстојните локални избори до тој степен што не само што ќе здобие најголем број градоначалници во општините, туку и да побара и да се избори за предвремени парламентарни избори поради новиот, променет сооднос на политичката моќ во земјата.
Да одиме по ред и да аргументираме зошто сметам дека е можно ова.
Пеплосани шуми и имоти – пеплосана економија и држава
Последиците од (не) владеењето на СДСМ со Македонија овие неколку дена го достигнуваат врвот со пожарите: институциите и системот во целина се неспособни да се справат со „огнените стихии“ од најпроста причина што нема доволно потребни и одржувани хеликоптери да ги гаснат пожарите! Но нема ниту гориво за нив! Повторно Србија и соседството мораат да ја спасуваат Македонија, бидејќи Владата нема способност и средства да се грижи за тоа! Изгорени се многу куќи и друг имот, пеплосани се многу хектари под шума, но пеплосана е и економијата, која е пред колапс.
Државата тоне во длабоко должничко ропство, а населението се помалку има најосновни средства за живот. Корона – вирусот пак почна да го зема својот трагичен данок во човечки животи во ситуација кога и здравствениот систем повторно почнува да клекнува под товарот на новите зарази и потребата за сместувања се повеќе и повеќе заболени во болниците, кои се се, само не болници..
„Врие“ социоекономското незадоволство на секој граѓанин на Македонија, на секој оној што не е на нечии „партиски јасли“ и кој нема по 500, 700, или илјада евра месечна плата. А таквите се веројатно и 90 проценти од сите граѓани во Македонија.
Сепак, без сомневање најголем е револтот во политичката сфера на живеењето во „нашата земја“: „северна“ веќе се покажа како привид од држава, тоа е импровизирана квазидржавна творба, во која воопшто не постојат функционални институции, кои ќе можат да организираат услови за живот достојни за човека и во кои посебно Македонците како народ ќе можат непречено да го пројавуваат и да го развиваат својот национален, јазичен и културен колективен и индивидуален идентитет.
Всушност, „северна“ е создадена со цел да го уништи до крај македонскиот идентитет во секој можен аспект од неговото постоење. На фонот на ваквите драматични внатрешни случувања во Македонија постапно веќе се создава „критичната маса“ за коренит пресврт на кормилото на државата, како и во поглед на нејзината иднина.
Корупцијата и криминалот нараснати до небо се последната „жешка“ коцкичка во македонскиот економско – политички мозаик, кој многу јасно укажува дека е веќе неодбежно организирањето не само локални, туку и нови парламентарни избори, за да на нив населението и мнозинскиот македонски народ поодделно ја искажат својата политичка волја сврзано со промените во извршната, законодавната и судската власт.
Општини и одлуки според потребите на граѓаните, а не на партиите
Но, до тоа треба да се стаса – преку резултатите од локалните избори. Локалната сфера на живеењето на граѓаните во Македонија е посебна приказна: во многу градови и селски општини луѓето ги доживуваат градоначалниците, односно претседателите на тие општини, како локални шерифи, на кои не им е грижа тоа што нема најосновна атмосферска или фекална канализација, што нема асфалтирани улици и патишта. Што парите од скудните општински буџети главно, или во поголема мера, се трошат за прекумерната општинска администрација, преполна со партиски „послушници“.
Информативниот портал на албански јазик „Порталб“ во својата анализа, која ја пренесува порталот „Цивилмедиа“, се осврнува на трите граѓански иницијативи составени од активисти и стручњаци од различни области, кои ќе се кандидираат за општинските совети во три најголеми градови: „Велат дека лошото функционирање на општинските политики е главната причина за граѓанските иницијативи да влезат во советот. ‘Зелен Хуман Град’, ‘Подобро за Тетово’ и ‘Поинаку’ се граѓанските иницијативи, кои ќе се натпреваруваат на локалните избори за општинските совети во Скопје, Тетово и Битола. Битолската граѓанска иницијатива ‘Поинаку’ смета дека ‘општината треба да се води според потребите и приоритетите на граѓаните, а не според агендите на партиите.“
Злата Плоштајнер, поранешна министерка за локална самоуправа и регионален развој на Словенија и сега професорка на Факултетот за социолошки науки на Универзитетот во Љубљана, и Ивона Мендеш, независен научен истражувач за јавна администрација од Хрватска, во својот научен труд „Учеството на граѓаните“ изнесуваат научен поглед за состојбата со локалните самоуправи во земјите во транзиција, каква што е и Македонија, особено за потребата месното население во селата и градовите да се вклучи во процесите на донесување на одлуки на општинско рамниште: „Локалните власти во транзициските земји се соочуваат со проблеми како што се децентрализација, фрагментација, неразвиени механизми за учество на јавноста во донесувањето на одлуките, недостиг на високо образувани професионалци и многу други проблеми. … на ова ниво на демократија (локална демократија – заб.моја) може да се води директен дијалог меѓу граѓаните, нивните интересовни групи и политички избраните донесувачи на одлуки (градоначалниците и Советите на општините – заб.моја)“.
Двете авторки нагласуваат дека мора да се чујат гласот и мислењата на локалното население: „Локалните политичари и службеници мора да го поддржат учеството на граѓаните во донесувањето одлуки на општинско рамниште. Треба да се спроведува и анкета за потребите и гледиштата и на месното население, да се организираат средби во селата и градовите, за да се расправа за проблемите и потребите на локалните луѓе. Новите технологии на комуникација дозволуваат граѓаните да учествуваат побрзо и поефективно во локалното управување.“
Ова е она што ќе мора да почнат да го спроведуваат градоначалниците, членовите на општинските совети и локалните администрации во Македонија по завршувањето на годинашниве локални избори: градење услови за нормален живот на луѓето во селата и градовите, во општините, практично и рационално остварување на надлежностите, кои ги имаат локалните самоуправи низ еден постојан директен дијалог и учество на луѓето во функционирањето и одлучувањето во општините.
Предвремени парламентарни избори, заради спречување на хаосот и заради возобновување на Република Македонија
ВМРО ДПМНЕ и некои други партии, кои ќе учествуваат на локалните избори, бездруго имаат кандидати способни да одговорат на локалните потреби на населението, а анализата на јавното мислење покажува силна раздвиженост на локално ниво во оваа водечка опозициска партија, по нејзините општински комитети, во потрагата и утврдувањето на најспособните можни кандидати – луѓе од народот за народот. Меѓутоа, самите бирачи ќе кажат што мислат за тие и сите други предложени кандидати на локалните избори и со тоа да одлучат за исходот на локалните избори. Сегашното огромно незадоволство на населението во Македонија од тоа како (не) функционираат општините и како (не) се води државата му даваат шанса на ВМРО ДПМНЕ да победи на локалните избори и потоа врз основа на новата политичка ситуација да ги вложи сите напори, за да се избори и за предвремени парламентарни избори.
Ако раководството на ВМРО ДПМНЕ целосно застане со својата програма и конкретното дејствување до граѓаните, до македонскиот народ, ако биде целосно „прочитано“ и расположението во месните комитети на оваа партија дека треба да се стави крај на хаосот и колапсот во Македонија, тогаш би можеле да се очекуваат убедлива победа на ВМРО ДПМНЕ и убедлив пораз на СДСМ и владината коалиција, а потоа да започне патот до парламентарните избори и до конституирањето нова извршна власт.
Кој е најитниот и највисок национален приоритет на македонскиот народ, кој ќе мора да го реализира новата Влада на Македонија уште од првите мигови на своето постоење, пред било што друго? ВМРО ДПМНЕ ја реализира својата нова политичка програма „Македонија за сите“, но најпрвин таа Македонија мора да се возобнови, оти неа се уште ја нема. Мора да се возобнови 77-годишниот државно – правен континуитет и меѓународно – правен субјективитет на Република Македонија, државотворноста на македонскиот народ реализирана на заседанието на АСНОМ во 1944 година.
„северна“ мора да биде демонтирана и да биде фрлена на ѓубриштето на историјата, заедно со „северномакедонскиот идентитет“ и „северномакедонскиот јазик“. Треба да се стави крај на разградувањето на македонскиот идентитет, на „споделувањето“ на историјата со соседите заради „светлите европски хоризонти“. Илинденскиот и АСНОМ-скиот концепт на македонската држава мора да се вратат во нејзиниот Устав.
ВМРО ДПМНЕ има историска обврска да почувствува дека ова е императивот на народот, македонски, чијшто е политички претставник во Парламентот и натаму да продолжи со потребните чекори, било самата како партија, или веројатно најдобро во содејство со други политички партии, без етнички и политички барања и уцени, во содејство со оние кои искрено ја признаваат и ја почитуваат Македонија како држава и татковина на македонскиот народ и како заеднички дом на сите добронамерни луѓе, што живеат во неа.
ВМРО ДПМНЕ треба да се потпре врз политичката волја на македонскиот народ, веќе изразена на референдумот од 2018 година и, барајќи разбирање и од меѓународните фактори со пројавена геополитичка неутралност, да преземе мерки за поништување на „Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“ со Бугарија и наместо нив да предложи усвојување во Парламентот и Резолуција за воспоставување вистински добрососедски односи со сите соседи, а во прв ред со Бугарија и Грција. Со барање за заемна соработка, разбирање и мирно сопостоење, напоредно со признавањето и прифаќањето на постоењето на етничката засебност на македонскиот народ и на постоењето на македонските малцинства во Бугарија и Грција.
Македонците треба да живеат во мир и разбирање со Бугарите, Грците и другите народи на Балканот, ако се прифаќа тоа. Поништувањето особено на „Преспанскиот“ нема да биде лесна работа, но лобирањето на ВМРО ДПМНЕ кај новите европски политички сили и личности, кои се борат за новата „Европа на нациите“, како и лобирањата и на македонските културни и научни институции низ културна и научна Европа и во светот, заради аргументирани објаснувања за погубните последици од двата „добрососедски“ договора за македонскиот народ, ќе помогнат многу во насока на создавање на потребната меѓународна клима и разбирање за она што мора да се направи.

Мр. Свето Тоевски е професионален новинар, независен општествено-политички аналитичар и научен истражувач во политичките науки, лингвистиката и науката за македонскиот јазик






