Исени: По провокациите со крстот во Драчево, да нема тензија кога ќе се градат споменици на другите етникуми

„Изградбата на џиновскиот крст висок 63,5 метри во Драчево е провокација и ги нарушува односите меѓу етничките и верските заедници во Македонија. Ако продолжат овие провокации, тогаш да не се создава напнатост кога ќе уследи нов бран на поставување споменици од национален и верски карактер на другите етникуми во државата. Владата и меѓународниот чинител имаат право да интервернираат во интерес на зачувувањето на мирот и спокојот во земјата.“ – вели д-р Фати Исени, историчар и професор по политички науки на државниот универзитет „Мајка Тереза“, во својата колумна, реагирајќи во врска со започнатата изградба на крстот во населбата Драчево, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

Исени пишува: „Села, Таравари, Касами… Не сакам да ја политизирам, или да ја провоцирам албанската опозиција, но како се решавате да соработувате со партијата, која го има истиот менталитет како Груевски? Само за да се биде во локалната власт, која во Скопје ја добија со ваша помош, сега продолжуваат таму каде што застана Груевски и инвестираат во провокации и нарушување на односите меѓу етничките и верските заедници во државата.
Вие, како опозиција, требаше да реагирате уште вчера и да не чекате реакција на населението преку општествените мрежи. Ова не ги исклучува ниту Владата и меѓународниот чинител, кои имаат право да интервернираат во интерес на зачувувањето на мирот и спокојот во земјата.’

„Никој не е против изградба на верски објекти, кои ќе им служат на верниците, но не и на провокација од ваков вид.“

„Во 2011 година се повлече иницијативата за изградба на таков крст во манастирот Пеленица над Батинце. Преговорите не беа лесни за двете страни, бидејќи притисокот беше голем, но справувањето со ситуацијата се вршеше многу разумно и беше одбегната таквата провокација. Ситуацијата тогаш беше многу потешка одошто сега. Никој не е против верските објекти од која било конфесија, но ваквиот начин на подигање крстови со високи димензии на одредени места не придонесува за интеграција и подобрување на меѓукултурните односи во оваа мултикултурна држава.“

„Благодарение на поранешниот премиер во бегство, денеска во Скопје стојат спомениците и обележјата на Скендербег, Шќипоња, Хасан Приштина, Иса Болетини, Адем Јашари, Азам Марана итн. Затоа, ако продолжат овие провокации, тогаш да не се создава напнатост кога ќе има и нов бран на поставување споменици од национален и верски карактер на другите етникуми во државата.“

„Во Драчево скоро 40 години се бара да се изгради џамија (светилиште) и тоа не е дозволено, а сега кому ќе му служи овој крст со овие високи димензии на еден рид над селото? Ако почне изградбата на џамија во Драчево, дали тоа би имало поддршка од општина Кисела Вода?“

“Општините Студеничани и Кисела Вода мора да разговараат за ова прашање и итно да преземат мерки, за да се избегне оваа провокација.“