Сопствениците на камп-приколките на езеро Треска кои добија рок до 23 овој месец да ги тргнат објектите велат дека 50 приколки, и покрај чуварите и полицијата, исчезнале.
Дел од сопствениците ги продаваат приколките за малку пари само за да не останат без ништо, бидејќи нема каде да ги преместат.
„На локацијата владее хаос. Нас како сопственици не ни е дозволено да влегуваме или зависи од желбата на полицијата и чуварите се пушта по некој. Но, затоа други влегуваат и излегуваат кога сакаат и можат да ги подигнат приколките без да се сопственици.
Во овој период украдени се 50 приколки. Само три од нив се пронајдени. Нема приколка која не е отворена и од неа земено по нешто“, вели Петре Неделковски, потпретседател на Здружението на кампери.
Камперите се револтирани што ниту општина Сарај, ниту Град Скопје, се одважиле да го решат прашањето на цивилизиран начин со одредување на локација за преместување на приколките.






