Амбасадата на Украина во Иран ја повлеше првичната изјава за причините за падот на украинскиот „боинг“ во близина на Техеран.



Во првичната изјава беше исклучена можноста дека причина за паѓањето на авионот е терористички или ракетен напад.

Двете црни кутии се пронајдени на местото на несреќата, јави државната иранска телевизија, но шефот на иранската организација за цивилно воздухопловство Али Абеџеде, изјави дека црните кутии нема да бидат предадени на производителот на авиони „Боинг“.

Во новата изјава, од Амбасадата велат дека се „разјаснуваат“ и дека претходните изјави за причините за несреќата не биле „официјални“.

„Комисија ги разјаснува информациите за причините за несреќата на авионот. Секоја објава во врска со причините за несреќата пред одлуката на таа комисија не е официјална“, се вели во соопштението.

Во првичната изјава на веб-страницата на Амбасадата, која беше отстранета, се отфрла терористичкиот напад како можна причина за несреќата, а се наведува дека првичните информации сугерираат дефект на моторот.

Авионот се урна само неколку часа откако Иран изврши ракетен напад врз две американски бази во Ирак како одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.

Меѓу 176 загинати во авионската несреќа 82 се државјани на Иран и 63 Канаѓани, 11 Украинци, 10 Швеѓани, 4 Авганистнци, и по 3 од Германија и Британија.