Инженери: Изградбата на Чебрен ќе несе златни јајца за Грците, не за Македонија

Македонија би можела да го изгради Чебрен и тој да биде и еколошки и економски иднината за наредните децении. Ова го изјави Љубен Стојаноски, машински инженер и проект менаџер во Монтинг енергетика, чии неколку идејни решенија за енергетските капацитети во земјава се во употреба, објави МКД.мк. За проектот Чебрен вели, доколку ѝ се довери на Грција, таа држава ќе има голема корист, а не и Македонија и дека „златните јајца од кокошката“ нема да бидат за нас.



Изградбата не еден вака голем проект не треба  да ѝ се довери не само на  Грција туку и на кој било странски инвеститор. Ако во минатото тоа можело да биде оправдано, денес е неоправдано од аспект на новите технологии како што се  фотоволтаиците и ветерниците. Имено, оваа локација е единствената во Македонија која со изградба на Пумпно акумулациска хидроелектрана (ПАХЕ) овозможува евтино складирање на електрична енергија т.е двојно поевтино отколку во литиум јонски батерии, но и далеку покорисно гледано од еколошки аспект бидејќи тие батерии се еколошки проблем додека не се пронајде технологија за нивно рециклирање.

За да имаме стабилизирана електрична мрежа потребни ни се вакви капитални објекти. Складирањето на  енергија во резервоарите за вода т.е ПАХЕ Чебрен, ПАХЕ Галиште и ПАХЕ Тиквеш може да  помогнат  да имаме стабилна мрежа кога има вишок на енергија, а потоа со ослободување на складираната енергија назад во мрежата кога побарувачката за енергија е поголема.

Хидроелектраните се скапи за градба но откако ќе се отплати кредитот се претвораат во „кокошка” која несе златни јајца бидејќи одржувањето не е скапо и се долг век на користење.

Во сите досегашни тендери за концесија владите барале да бидат акционери со процентуално учество во дивидендата. Тоа е погрешно затоа што концесионерот може со реални или фиктивни фактури да ја зголеми вредноста на инвестицијата па така оваа надуена цена на инвестицијата од 1 милијарда евра да достигне до 1,7 милијарди евра. Што губи акционерот Македонија со ваква фиктивна  вредност на инвестицијата? Освен тоа, заради илустрација, од панелистите не добив одговор на прашањето која е критичната точка  на рентабилност, т.е.  која е минималната цена на електричната енергија за МВч по која Грците ќе можат да го вратат кредитот?

-Дали може во моментов да има одговор на такво прашање?

Приходите од Хидроелектраната (ХЕ) Тиквеш,. ПАХЕ Чебрен и ХЕ Орлов камен  мора прво да ги покријат оперативните трошоци на проектот. Тие ќе служат и за враќање на долгот кон финансиерите , преку плаќање главнина и камата. Додека  Грците не си го отплатат кредитот Македонија ќе добие нула (0) дивиденда. Колку години ќе поминат до критичната точка? Тоа значи колку поскапа е инвестицијата право пропорционално ќе прикажуваат дека струјата треба да ја продаваат по повисока цена. На пример,  тие на тој начин ќе докажат дека струјата треба да ја продаваат по 150 евра за MWh а ја продаваат по 110 евра па имаат загуба, тоа значи дека мора да земат нов кредит, исто така можат да склучат  договор со нивна фирма ќерка и да им продаваат струја под берзанската вредност. Во тој  случај Македонија нема да добие  дивиденда.

-Тоа значи дека станува збор за лошо договарање?

Државите кои даваат вакви капитални објекти под концесија не се договараат како нас за 33% дивиденда туку на пример,за 25% од произведената електрична енергија односно, за нас барем со двојното производство на ХЕ Тиквеш., која има просечно годишно производство од 144 ГВч, што значи тоа се 288 ГВч. Или, тоа е 25% од вкупното годишно производство на ХЕ Тиквеш, ПАХЕ Чебрен и ХЕ Орлов камен кое е планирано на 1.144 Вч  за година. За 20 години Грците ќе имаат бруто приход од 2,6 милијарди евра,трошоци за купена струја и одржување од 1,2 милијарди евра и заработка од 1,4 милијарди евра – 1 милијарда евра кредит, а  можна   заработка од 400 милиони евра. Тоа ќе значи за следните 40 години профит од 2 – 3 милијарди евра. Повеќе на Мкд.мк.