Пензионерот Богдан Дамјаноски кој склучил договор за купување на 1ТВ ќе го раскине договорот, пренесува ИРЛ, бидејќи инвеститорот во чие име настапувал се премислил бидејќи првичниот договор бил на помала сума, но откако УЈП ја блокирала сметката за неплатени даноци сумата се зголемила на околу 400.000 евра
Инвеститорот, чие име не сакаше да го открие, бил негов пријател кој живеел во Холандија и сакал да почне бизнис во Македонија. Првата опција била да ја купи телевизијата на Боки 13.
„Трошоците енормно се зголемија и мојот клиент кој јас го застапувам реши да се откаже од купување на телевизијата“, изјави Дамјаноски за ИРЛ.
Договорот за купување на уделите во БМЈ Медиа груп, фирмата која е сопственик на 1ТВ, Дамјаноски го склучил минатата недела со сопствениците Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ пред тие да бидат приведени.
Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски за Радио Слободна Европа денеска изјави дека побарале помош од МВР за обезбедување на документи од 1 ТВ затоа што размислуваат за одземање на дозволата на 1ТВ поради пропусти во емитувањето на програма, но не можат сами да ги земат поради заклучените врати на телевизијата.





