Интригантниот пример на Героски за вицепремиерот на час по корупција

Колумнистот на плусинфо.мк Бранко Героски му држи практичен час по корупција на вицепремиерот за битка со корупцијата Љупчо Николовски.



Во колумна Героски бара Николовски да не ја замајува јавноста со празни муабети и преку примери му кажува како конкретно да се бори против корупцијата.

Притоа примерот што го дава многу наликува на еден актуелен или активен случај за кој подолго време се зборува во полициските, обвинителските и владините кулоари.

“Замисли висок јавен службеник фатен со одредено количество дрога, во посед или во илегална трговија со психотропни супстанци. Потоа замисли друг висок јавен службеник, многу повисоко во хиерархијата, за кого постојат сериозни наводи дека поседува – директно или посредно, скриено – сопственички удели во компанија која легално се занимава со производство на канабис. И замисли дека овој вториов нема извршено никакво казниво дело.

Ако си замисли, Љупче другарче, концентрирај се (држи ги тоа чашите под васервага, да не се истурат), па ајде заедно да анализираме.

Значи, во првиот случај имаме класично кривично дело, додека во вториот случај казниво дело воопшто нема. Првиот случај, сам по себе, е скандалозен, трагичен. Но, тоа не е случај на корупција. Корупција е вториот случај, бидејќи висок јавен службеник, од позиција на политичка моќ, остварува или може да оствари лична и имотна корист, како директен или скриен сопственик или косопственик на компанија што легално се занимава со производство на канабис.

Е сега… Знам дека и ти, а и многумина како тебе, ќе го постават златното прашање – зошто?

Тој вториот дошол или можел да дојде во позиција да оствари лична имотна корист, но не затоа што е многу паметен и претприемчив (може да е и таков, не велам не), туку затоа што е високо позициониран во јавната служба. Тој од таа позиција не морал да сторил никаков грев, може да е токму најчесниот и најпосветениот јавен службеник на овој свет, но сето тоа е небитно – битно е тоа што се претпоставува дека неговата позиција во јавната служба може да му овозможи противправно стекнување имотна корист. И тоа е доволно да се смета дека неговите интереси во приватната компанија за производство на канабис се неспоиви со вршењето на јавната служба.

Љупче другарче, тој што има сериозна и искрена намера да се бори против корупцијата и особено против високата корупција, не мора да се мачи на министрите да им брои колку чаши вода испиле, да им ја ограничува репрезентацијата, да им ги контролира службените платежни картички и да спроведува таква инквизиција и тортура во администрацијата. Во ред, тие непотребни трошења на народните пари треба да се ограничат, но тоа се прави системски и при тоа не треба да се измислува топла вода, бидејќи постојат туѓи искуства (а и наши) за тој потфат. Јак потфат…

Акт на сериозно конфронтирање со корупцијата би било кога ти, Љупче другарче, кога веќе си добил „ресор“ и некакви овластувања да се бориш против корупцијата, би го повикал нашиот корумпиран висок јавен службеник (оној вториот, незгодниот) и би му рекол вака:…. “, му пишува Героски на Николовски.

Целиот текст на плусинфо.мк