Интервју со Андреј Дочински: Во трка за ЕП заради Словенија и македонскиот народ

Андреј Дочински, 42-годишен кандидат за Европски парламент од Словенечка национална странка (СНС), за expres.mk вели дека е горд Словенец и Македонец. Словенец, бидејќи е роден и живее во некогашната југословенска република, а Македонец поради своето македонско потекло – родителите му се од беровско Митрашинци, дојдени во Словенија пред повеќе од 50 години.



„Роден сум и цел живот живеам во Словенија, па нормално е дека се чувствувам како Словенец, но не можам и не сакам да ги кријам своите корени, дека по потекло сум Македонец и се гордеам со тоа“, вели тој.

Од кои причини решивте да влезете во трката за европратеник? Според образложеното самочувство, една од нив бездруго е Македонија.

„Да, тоа е една од причините зошто влегов во трката. Европа, во која живеам и која треба да базира на темелите на правото, не може да има таква дамка во својата историја со неприфаќањето на резултатите од референдумот од 30 септември 2018 година. За мене и за сите правни експерти во светот, приказната за промената на името завршува тој ден. Сето друго е неважно. Но, бидејќи сите знаеме што се случи понатаму, тоа ме поттикна да се кандидирам за партијата што секогаш се бори за националните интереси на Словенија. Преку неа, ако успеам, во Европски парламент ќе се борам и против неправдата што ѝ се направи на Македонија, за такво нешто никогаш да не ѝ се случи на Словенија. Тоа што ѝ го направија на Македонија директно ни го направија и на сите нас Македонци по светот, бидејќи чепнаа во мојот/нашиот идентитет, а тоа е нешто свето и заштитено на највисоко ниво во Обединети нации со правото на самоопределување. Знам дека не можам многу да направам, но можам да сум гласен и да ги застапувам интересите и на Словенија, и на македонскиот народ“.

Ако бидете избрани за член на Европски парламент, како ќе ги штитите интересите на македонскиот народ, покрај словенечките?

„На секој чекор ќе ја оспорувам неправдата кон Македонија под покровителство на ЕУ, ќе поднесувам иницијативи, ќе давам предлози, ќе ги запознавам другите европратеници со вистината, ќе барам нивна поддршка. Најсилно, сепак, ќе биде самото тоа што таму ќе има пратеник со македонско потекло“.

Двата протеста лани во Љубљана и во Крањ за одбрана на уставното име беа меѓу најпосетените на македонската дијаспора, а Вие бевте еден од организаторите. Како успеавте да анимирате голем дел од Македонците што живеат во Словенија да го кренат својот глас за неправдите со кои се соочува татковината?

„Во Словенија има околу 4.000, а по некои информации и 7.000 Македонци со словенечко државјанство. Ако ги додадеме и тие со работна виза, бројката е околу 20.000.

Првиот протест беше организиран чисто спонтано. Многу бев револтиран со тоа што се случуваше во Македонија во врска со името и со пасивноста на македонската заедница во Словенија. Самоиницијативно избрав датум, го пријавив протестот во полиција и почнав да го промовирам на Фејсбук. Веднаш ми се јави Ана Дукоска, координатор на непартиското движење ‘Ние сме Македонија, протест за моето име’, се запознавме преку Фејсбук и ми помогна со промоција и со поврзување со Македонци во Словенија. Така, за десет дена ни успеа да мобилизираме околу 500 демонстранти. Потоа беше полесно, бидејќи беше организирано преку ‘Ние сме Македонија’.

За протестите во Словенија најмногу ни помогнаа Весна Жежовска и Душан Симоновски, како и Зоран Горски од Марибор. Со Весна и со Зоран се запознавме лично на протестот во Љубљана.

Како човек што очигледно негува голема почит и љубов кон своите македонски корени, што Ви пречи и Ве нервира најмногу во Македонија и околу неа? Како ја оценувате моментната ситуација во родната земја на Вашите родители?

Најмногу ме нервира кога гледам каков хаос, неправда и бесправно владеење се случува таму. Ако некој мисли дека само така, со промена на името и со самоукинување, ќе влезе во ЕУ, во голема заблуда е. Јас прв ќе гласам против! Иако расипани европски бирократи ја поддржале неправдата, тоа не е поради тоа што ја сакале Македонија во ЕУ, туку заради други геополитички цели, првенствено заради прием на државата во НАТО. Се прашувам, кога народот ќе го сфати тоа? Ми велат: ‘Лесно ти е на тебе да зборуваш од Словенија’, а јас им викам: ‘Погледнете си ги вашите политичари што ги продадоа државата и идентитетот колку лесно и удобно живеат кај вас и ве лажат’. Јас никогаш нема да можам да живеам толку лесно како нив. Секој прво пред својот праг треба да измете, а долу има многу за метење.

Мислите дека тука лесно се заработуваат пари? Дека тука не ги искористуваат работниците? Дека тука нема беда и сиромаси? Но, тука има барем некој степен на владеење на правото и борба против корупцијата. До релативно висок степен се почитуваат законите, се почитува Уставот, а не да се интерпретираат како што на некоја партија ѝ одговара. Па, зошто мислите дека ќе нема датум за преговори за Македонија со ЕУ ни за 10-20 години? Мислите дека тука и во ЕУ не следат што се случува долу?

Моето мислење е дека Македонија мора прво самата да се исчисти и да ги ревидира одлуките од минатото во полза на правото. Законите мора да важат за сите подеднакво и тоа мора сите да го чувствуваат.