Во изминатиов период сме соочени со постојаното ангажирано негирање на македонските идентитетски обележја – народот, нацијата, јазикот, културата, од страна на владините и на државните институции на Република Бугарија со цел да се прикаже дека македонската нација е вештачка креација на Коминитерната и на Јосип Броз Тито, која како таква постои од 1945 година – реагираат голем број истакнати интелектуалци. Тие со писмена реакција на која се потпишани точно 85 интелектуалци, сакаат да испратат порака декаа преку присилна пропаганда од тогашните комунистички власти „Бугарите“ во Македонија биле принудувани да се запишуваат како Македонци. „Уште повеќе, со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се бара и прифаќање на т.н. заедничка историја со Бугарија, а воедно и откажување од македонското малцинство, кое таму живее со векови. Самиот факт што бугарската држава не ги признава македонската нација и македонскиот јазик зборува, во основа, за каков „пријателски“ договор се работи и што, во суштина, се крие зад тоа – целосно обезличување на сето она што е македонско“ – се вели во писмената реакција.
Меѓу потпишаните се и истакнати стручњаци во своите професии како Тодор Чепреганов, Митко Б. Панов, Јован Донев, Маја Ангеловска – Панова, Билјана Ванковска, Елка Јачева–Улчар, Лилјана Гушевска и други. Тие бараат признавање на македонското малцинство во Бугарија, но и промена на односот што нашите власти го имаат кон дијаспората.
– Го осудуваме ставот на претседателот на Владата на Р. Македонија дека интересот на македонската влада за состојбата на македонското малцинство во Р. Бугарија е мешање во внатрешните работи на таа земја, а дека застапувањето на бугарската влада и на бугарскиот претседател за правата на бугарското малцинство во Македонија и барањето за негово вметнување во Уставот не е мешање во внатрешните работи на Р Македонија. Нагласуваме дека не постои држава во светот која не се грижи за правата на своето малцинство во друга држава. Малцинствата секогаш претставуваат мост за соработка и за меѓусебно разбирање на народите – се вели во реакцијата.





