Во контекст на актуелните условувања од Бугарија на македонската евроинтеграција, Институтот за национална историја (ИНИ) порача дека нема да дозволи политички влијанија во неговата научна дејност.
„Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на каков било начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи. Имајќи ја предвид природата на научната мисла, која е неопходно да биде слободна и независна, а не политички условена, Институтот го изразува својот категоричен став на осуда на сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот. Институтот нема да ја подреди својата научна дејност на какви било политички влијанија!“, се вели во реакцијата на институцијата раководена од Драги Ѓорѓиев, копретседател од македонска страна на Мешовитата комисија со Бугарија за историски и образовни прашања.






