Тројца инспектори од Одделот за економски криминал при МВР утринава дојдоа во редакцијата на НетПрес по наредба на јавен обвинител, објави НетПрес.
Според порталот, инспекторите разговарале со главниот уредник, Дејан Николовски, а во врска со објавен текст за случајот со тендерот на Mакедонскиот систем за воздухопловна навигација (М-Нав) ) за набавка на нов систем за контрола на летање, вредна околу седум милиони евра.
За случајот во тек е кривична постапка за кривично дело Оддавање и неовластено прибавување на деловна тајна по член 281 од Кривичниот законик.
НетПрес за овој случај во декември, лани, објави серија текстови поткрепени со документација. Инспекторите на МВР од главниот уредник бараа информација од каде се добиени документите., објави порталот.





