Инфлаторниот шок станува неиздржлив. Експертите бараат похрабри чекори, работниците, пак, итно да се обезбедат свежи пари за да се помогне. Проблемот е дома, велат познавачите.
Македонската економија преживува тешки денови под налетот на економската и енергетската криза. Цените растат до плафон, инфлацијата урива рекорди. Државниот завод за статистика пресмета 19,8% инфлација во октомври, во споредба со истиот период лани, што ја позиционира земјата како водечка во регионот.
Цените на храната за една година пораснале дури за 32,4%. Или конкретно, за една година најмногу поскапел лебот и житата и тоа за речиси 50%, млекото, јајцата и сирењето за нешто повеќе од 40 отсто, а маслото за 40, 3%. Инфлаторниот шок станува сѐ посилен и покрај мерките на власта, кои засега речиси и да не покажуваат никаков ефект. Граѓаните се нервозни и се жалат дека не можат да врзат крај со крај:
– „Ова е веќе ужас. Со две плати не можеме да истераме до 20-ти во месецот. До каде ќе оди ова не знам. Едвај човек може да се прехрани, а каде се сметки, потреби на деца“, се жали скопјанката Благица која ја сретнавме пред еден од маркетите.
– „Како се снаоѓам? Па веќе сум во длабок минус, платата ми доцни и така. Ако не се постарите дома и нивната пензија тешко нас. Веќе ми е страв да влегувам во маркети, секој ден сметката е се повисока, а торбата се попразна“, реагира скопјанката Божана која исто така ја сретнавме пред еден од маркетите.
Владините мерки со краткорочен ефект
Инфлацијата продолжува да расте и покрај сите мерки кои до сега ги преземаа надлежните. Уверувањата и прогнозите беа дека ценовниот шок треба да се стабилизира, што се насетуваше и со движењата на светските пазари. Се случи сепак она што најмалку се посакуваше, што е изненадувачки и отвора дилеми на што конкретно се должи. Дел од експертите предупредуваат дека овојпат причините повеќе треба да се бараат на домашен терен:
– „Кај инфлацијата во октомври нема апсолутно ништо ново во однос на она што се случува веќе некое време. Инфлацијата продолжува да расте и тоа повторно поради цената на храната, која е зголемена за околу 3% во однос на претходниот месец. Ова се случува во услови кога глобалната цена на храната, според податоците на Обединетите нации, има стагнација. Тоа говори дека поскапувањето на храната во Македонија не е движено од надворешни фактори, туку потекнува од дома. Конкретно, поскапувањето се должи на тоа што супермаркетите и трговците со храна неоправдано ги креваат цените на храната, во обид да профитираат од инфлаторниот бран“, коментира за Дојче Веле, Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.





