Инфлацијата падна на 3,5%, ама колку во пракса тоа се чувствува?!

Инфлацијата во октомври падна за 3,5 проценти во однос на ланскиот октомври, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Но дали во пракса има реално намалување на артиклите, енергијата, и на сите трошоци? Граѓаните велат „Не“, оти се ова е само на хартија. Во однос на септември, пак, имаме дефлација, односно пад на трошоците за живот за 1,5 проценти. Ова значи дека годишната инфлација речиси се преполови во однос на септември кога изнесуваше 6,6 проценти.



Особено е важен фактот дека се смирува растот на трошоците за храна кои за една година, оваа во однос на ланскиот октомври се зголемиле за 1 процент, но на месечно ниво (октомври во однос на септември) трошоците се намалиле за 3,8 проценти.

Статистичките податоци покажуваат дека индексот на трошоците на животот во октомври, споредено со септември, изнесува 98,5, а индексот на цените на мало 99,4. Месечно намалување има кај млекото за 10,1, јајцата за 9, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 8,6, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 6,4, свежото и разладеното овошје за 5,2, пивото за 4,3, сирењето и урдата за 4,1, месото за 3,4, лебот и житата за 3,3 и маслото и маснотиите за 0,9 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај медиумите за снимање за 7,7, информатичката опрема за обработка на податоците за 7,3, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 3,2, велосипедите за 1,8, услугите за сместување за 1,1, цврстите горива за домаќинствата за еден процент.

Во споредба со септември, зголемување на цените има кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,4 насто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,8, жестоките пијалаци за 1,4, рибата и морските плодови за 1,2, виното за еден,  кафето, чајот и какаото за 0,4 проценти.

Во октомври поскапени се и електричните апарати за лична хигиена за 9,5 насто, воздухопловниот патнички транспорт за 5,2, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 4,7, гасот за домаќинствата за 3,9, градините, растенијата и цвеќињата за 2,6 прценти, а со нови повисоки цени се уште многу други производи и услуги забележани на сатистичкиот список.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека овие податоци се доказ дека одлично се спроведуваат мерките што ги донесе Владата во насока на намалување на инфлацијата. Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, најави дека се очекува Владата наредната недела да даде зелено светло на Законот за нефер трговски практики и дека тоа ќе биде системско решение за намалување на цените.