Инфлацијата не попушта, статистика измери 8,3 отсто поголеми трошоци на живот во однос на август лани

Трошоците на животот во август годинава, во споредба со претходниот месец, се зголемени за 1.2 %, а цените на мало за 1.3 %. Во однос на август лани, пак, трошоците на живот бележат раст од 8.3 %, а цените на мало од 5.6 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7.8 %, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 7.0 %, сирењето и урдата за 3.2 %, млекото за 2.6 %, лебот и житата за 1.6 %, месото за 0.9 %, кафето, чајот, какаото за 0.8 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0.6 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.4 %, пивото за 0.3 % и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0.2 %.