Двоцифрената инфлација и натаму останува сериозен проблем во Македонија, а проекциите за економски раст се меѓу последните од земјите во регионот, покажува најновиот извештај на Светска банка. Ваквото позиционирање на земјава очигледно не ги загрижува властите кои и понатаму тврдат дека инфлацијата се намалува, ама најверојатно само за владините претставници.

Дека состојбата дома не чини потврдуваат и податоците од „Инфлациски монитор“ за овој месец. Тие покажуваат дека инфлацијата во Македонија е далеку поголема отколку во Европа, а најголемо поскапување има во храната, угостителството и мебелот. Па така, храната кај нас поскапела за 14,6%, додека во европските земји поскапувањата достигнале само 5,3%.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага намалување на трошоците на живот преку измени во Законот за ДДВ, односно ослободување од ДДВ на сите производи за човекова исхрана.

- – Платите и пензиите се зголемија, но тоа не е ништо во споредба со зголемувањето на цените на храната. Инфлацијата е премногу висока, па ние предлагаме ослободување од ДДВ за храната со цел да се компензира намалувањето на животниот стандард и за да се влијае на намалувањето на цените на производите. Најголем дел од платите оди за купување храна, а инфлацијата кај храната е највисока. Ако власта ја прифати нашата предлог-мерка, тогаш цените на прехранбените производи ќе се намали за 5%, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Владата пак, очекува инфлацијата сама да падне, но, како што велат, големо влијание врз тоа ќе имале надворешните фактори.
Од ЕБОР, пак, очекуваат БДП на Македонија годинава да не се зголемува повеќе од 2%, што е најниска прогноза од сите институции што ја мерат силата на македонската економија. Од Народната банка, пак, очекуваат годинава да заврши со раст на економијата од 2,1%, а пооптимистички се очекувањата за следната 2025 година.





