Спасувачките операции продолжуваат среде урнатините од зградите што се урнаа во земјотресот во кој загинаа најмалку 162 лица, а стотици други беа повредени на главниот индонезиски остров Јава, јавува Асошиетед прес.
Најпогоден е градот Канџур, јужно од Џакарта, кој се наоѓа во близина на епицентарот на земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала што ја погоди островската држава во понеделникот попладне.
Покрај загинатите, властите соопштија дека повеќе од 300 луѓе се тешко повредени
Земјата со повеќе од 270 милиони жители е често погодена од земјотреси, вулкански ерупции и цунами поради нејзината локација на лакот од вулкани и раседни линии во пацифичкиот басен познат како „Огнен прстен“.
Во февруари, во земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала загинаа најмалку 25 луѓе, а повеќе од 460 беа повредени во провинцијата Западна Суматра.
Во силниот земјотрес и цунами во Индискиот Океан во 2004 година загинаа 280.000 луѓе во неколку земји, а најголем дел од жртвите беа во Индонезија.







