Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека до крајот на неделава со членовите на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали сегашната состојба со Ковид 19 и појавата на новиот „делта“ сој на вирусоит бара воведување некакви рестриктивни мерки.
Вчера беа регистрирани десет случаи на заразени со индискиот сој, а вкупно се активни 141 случај на заразени со Ковид-19.
Филипче оцени дека генерално состојбата во земјава и понатаму е мирна и апелираше граѓаните да се вакцинираат на пунктовите, кои од понеделник ќе бидат отворени и нема да има потреба од закажување.
На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на РС Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи дека има епидемилошка вредност, тоа ќе важи за сите.
Според него, логично е да се очекува дека новиот сој побрзо ќе се шири, но доколку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен колективен имунитет, колку и да е позаразен, нема да се повтори сликата со претходниот британски сој и тогашниот силен бран.
Околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240 илјади се ревакцинирани, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60 000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.






