„Преку своите партиски војници, конкретно министерот за економија Крешник Бектеши, ДУИ стори тешко прекршување на законот кога реши да го набрка од работа Махир Зибери, поранешниот кандидат за градоначалник на селската општина Желино во тетовскиот регион.“ – објави информативниот портал на албански јазик „ин7“ во информацијата со наслов „Скандалозно: Министерот – Албанец се ‘одмаздува’ кон поранешниот кандидат за претседател на општина Желино – го брка од работа!“, пренесувајќи ја статијата на порталот „фол.мк“ на оваа тема.
Ин7“ пренесува: „Неволјите за поранешниот кандидат на Алијансата на Албанците Зибери почнаа кога тој ја објави својата кандидатура за претседател на општина Желино. Тоа не им се допадна не само на локалните структури на ДУИ во овој општински центар, туку и на повисоките партиски структури. ДУИ тешко ги доживеа загубите на овие локални избори, не само во двете најголеми општини – Тетово и Гостивар – туку и во Желино, каде што кандидатот на ДУИ, иако беше губитник пред четири години, сега повторно доживеа пораз на локалните избори во Желино со тесен резултат.“
„Оваа загуба стана игла во очите на ДУИ и главната вина му се испорачува како фактура на Махир Зибери, за да ја ‘плати’, бидејќи токму неговата кандидатура оневозможи кандидатот на ДУИ Фатмир Изаири да победи уште во првиот изборен круг.“
„Во вториот изборен круг Алијансата на Албанците помогна против кандидатот на ДУИ. Тоа ги иритираше прекумерно челниците на ДУИ. Затоа, тие како знак на одмазда го отпуштија од работа Махир Зибери, вработен во јавната администрација во Министерството за економија повеќе од една деценија. Покрај тоа што официјално немаше никакво предупредување за прекинот на работниот однос, на Зибери претходно му беше и намалена платата. Поради изборниот процес и молкот, што се совпадна со датумот на исплатата на платата, Махир Зибери инсистираше да не се крева аларм.“
„Одлуката за прекин на работниот однос министерот Бектеши ја потпишал на 16.ноември 2021 година, но намерно не е соопштено за тоа на истиот ден. Чекале некое попогодно време, или кој било настан, како што е автобуската трагедија во Бугарија, за да се прикрие срамот и се да помине во сенка на некој друг настан.“
„Од Алијансата на Албанците се уште не се изјасниле во врска со предметниов случај, додека Зибери подготвува во наредните денови законска постапка за обжалување на оваа скандалозна одлука на партискиот милитант, облечен во наметката на моќта и на власта.“ – пренесе „ин7“.





