„Нови директори од редовите на Алтернатива нема да има некое време. Ова не го дозволува ДУИ, која, според извори во оваа партија, ваквиот став го задржала и на последната седница на Владата. На таа владина седница претставниците на ДУИ се изјасниле против.“ – јави информативниот портал на албански јазик „ин7“ во својата информација со наслов „Блокирани директорите на Алтернатива – дали функционира планот на ДУИ?“
„Ин7“ пишува: „Неофицијално се дознава дека планот на ‘интегристите’ е колку е можно повеќе да се одолговлечуваат именувањата на функционерите на Алтернатива. ДУИ ја користеше истата стратегија и против Алијансата на Албанците и Движењето Беса пред неколку месеци.“
„Со оставката на премиерот Заев се до доаѓањето на новиот мандатар во Владата нема да можат да се вршат ниту именувања, ниту разрешувања. Во текот на денешниов ден медиумите јавија дека на последната владина седница предлозите на Алтернатива предизвикале судири меѓу коалициските партнери.“
Инаку, информативниот портал на албански јазик „Зиртаре.нет“ денеска извести дека „создавањето на новата Влада на Ковачевски е доведено во прашање“: „Претходната седница на Владата беше проследена со судири. Полемиката се случила меѓу коалициските партнери, кои одбиле да ги именуваат кадрите на Алтернатива пред оставката на Заев и пред формирањето на новата Влада.“
„Но, едно од барањата на Алтернатива од договорот со Заев било директорите од вториот ешалон да се именуваат пред заминувањето на Заев. Се дознава дека судирите и неименувањето на кадрите според барањето на Алтернатива сериозно го доведуваат во сомнеж создавањето на новата Влада на СДСМ – ДУИ со новиот партнер Алтернатива.“ – имаше објавено „Зиртаре.нет“.





