IN MEMORIAM: Последен поздрав до скопската легенда Димитар

Минатата недела Македонија се прости од скопската урбана легенда Димитар Почевски.



Минатата недела Димитар беше испратен од илјадници луѓе кои на различни начини се збогуваа со една од скопските легенди која на свој специфичен начин преку искажани ставови на социјалните мрежи но и преку помагање на многу луѓе остави неизбришливи траги во живеењето на Македонија.

,,Драги роднини, пријатели на фамилијата и на Димитар.

Иако се разделуваме од овој земен живот со Димитар, за некои Димитрије, за некои Митко, Димуш, Џони, Банкар,…тој ќе остане да живее во муабетите по скопските кафичи, во анегдотите на неговите пријатели, во разговорите на неговите блиски и фамилијата. И секогаш на него ќе се сеќаваме со насмевка, бидејќи на сите ни даваше позитивна енергија и хумор.

Тој сите нè поврза со својата јасна мисла, дрзок јазик, но прекрасно широко срце.

Верувајте, сите ве сакаше, сите ве споменуваше со љубов – другари од градинка, од скопскиот ноќен живот, пријатели од работа, моторџии, занаетчии и директори…секогаш и за секого тој беше истиот – Димитар.

За нас Димитар беше сопруг, татко, брат, син, вујко…

Беше еден и единствен и сакаме како таков да го паметиме, да го носиме во нашите срца и да го споменуваме секојдневно. Само така ќе го задржиме споменот на него.

Ви благодариме за изразените почит и поздрав и се надеваме дека тој остави неизбришлив белег во вашите животи, како што остави и во нашите”, пишува семејството во последниот поздрав до Димитар.