Бугарскиот пратеник Александар Сиди ја обвини Грција за шовинизам кон Македонија и, според него, прашањето за името на Македонија ќе биде решено кога ќе биде запрен грчкиот шовинизам.
„Лично, се надевам дека ќе има решение за името на Македонија до самитот на ЕУ на 17 мај во Софија, бидејќи тоа е еден конфликт што трае веќе доста време и сегашната македонска влада јасно изјави дека сака да го реши тоа прашање. Ние, се разбира, не треба да се мешаме во одлуката на нашите браќа од другата страна на границата, но во крајна линија се надеваме дека решението, какво и да биде, да нема територијални претензии и кон Бугарија, зошто и тоа исто така е можно во некои варијанти на името. Многу се надевам дека тој спор конечно ќе биде решен и името што ќе си го изберат нашите браќа, се разбира, во себе ќе го вклучува зборчето Македонија, зошто тоа е името со кое таа територија е позната низ годините уште од времето кога тие две територии од двете страни на границата биле едно“, изјави за телевизијата „Бугарија он ер“ пратеникот на коалицијата „Обединети патриоти“, која е дел од владеачкото мнозинство во Бугарија.
На прашањето од што зависи постигнувањето консензус за името на Македонија, Сиди вели: „Поскоро од запирањето на грчкиот шовинизам отколку од одлуката во Македонија, бидејќи македонската страна, според мене, е подготвена да прифати некое од веќе предложените имиња. А грчкиот шовинизам го видовме во Солун со огромните демонстрации дека Македонија е грчка. Не, не е точно и тоа го кажал и Иван Вазов: ‘Македонија, Македонија е наша’. Тоа го кажал дедо Вазов“.




