На барање на голем број почитувачи на творештвото на Анте Поповски, неговиот син Жорж во текот наредните денови (поради должината) во неколку продолженија го објавува Писмото-есеј што тој го упатил до бугарската поетеса Блага Димитрова под наслов „ИMETO. ДАМКА KРВ КОЈА ЗБОРУВА“ :
Сега времето не е за лични истории. Па сепак, низ судбината на одделните личности се остварува животот во неговата целост.
Долго време се мачам да фатам некаков ред за да го допрочитам она кое во последно време, вие, бугарските интелектуалци, и’ го соопштувате на јавноста. Тој мој обид се покажува за залуден: тоа е една голема поплава исповеди, длабоки човечки навреди и неправди кои излегуваат на видело, па просто е неверојатно дека сето тоа можело да се случи!
Поточно: не да се случи – туку да стане принцип, да стане правило на едно живеење и однесување во тек од, речиси, половина столетие!
Луѓето се натпреваруваат час поскоро на јавноста да и’ пласираат најнепорекливи факти. Луѓето како да живеат во потаен страв да не би да се случи одново нешто та утре пак да не можат со своите вистини да излезат надвор!
Па пишуваат тие, пишуваат, соопштуваат: човек да поверува дека револуциите ги подготвуваат идеалисти и дека по нивната победа со нив како да раководат само избрани садисти! До какви се’ заклучоци, почитувана Блага Димитрова, доаѓаат точно оние кои никогаш не сакале да се посомневаат во моралните суштини на својот идеал! Тие луѓе со право доаѓаат до заклучок дека најлошото кое се случи во изминатите времиња – е духовната и моралната деформација на целата бугарска нација! Најпосле: зарем само со бугарската нација?
Кога ги споредува човек нештата кои се случувале таму, кај вас, со нештата кои се случувале тука, кај нас, природно е да види и големи разлики како што е природно да открие и многу сличности: ами тие сличности се резултат на едно исто поведение, се’ што се случувало во областа на моќта на поединецот и кај вас и каj нас е дело на една иста политичка школа, чин на еден ист морален став на политичарот кон немоќниот и отуѓен човек; до очај идентична е постапката на политичката камарила која во невиден јавен грабеж и кај вас и кај нас, безмилосно ги разнесе сите духовни и материјални богатства на општеството.
Ги читав околностите во кои еден Цветан Тодоров морал да ја напушти Бугарија! Го читав потресното писмо на Ганчо Савов за страотиите на репресивните методи во бугарските затвори и логори. Bo нив, со години останаа недостижните ерудити и интелектуалци: Лазар Цветков, Петар Стефанов, Илија Луцкалов, Борис Илиев, Илија Маринов, Горѓи Иванов, Петар Стефанов, Едурд Генов… Го читав, почитувана Блага Димитрова, и оној беден, оној морално депласиран и мизерен текст на писателот Ѓорѓи Џагаров кој го обвинува бугарскиот народ бидејќи тој го фрлил Џагарова во прегратките на Тодора Живков, да му биде заменик во Државниот совет на НР Бугарија! Цели две децении овој писател правеше со бугарската литература и култура и со нејзините творци — она што ќе наумеше!
Цели две децении на ниво на заштитен терорист Џarapoв се пресметуваше не само со бугарската творечка интелегенција туку и со самите суштини на човековите достоинства и елементарни права: „се спротивставував на политиката но националното прашање која пред Априлскиот пленум исцело беше насочена кон обезличување на народот против слободата и независноста на Бугарија…“, вели тој, заменикот на државниот главатар на Бугарија до вчера и — протестира: „Ја напуштам Партијата огорчен и навреден зашто народот бега и се врти од мене…“
Признавам, почитувана Блага Димитрова, јас не сум прочитал поступиден но и побрутален текст од овој во последно време! Ми се допаѓа прашањето што е поставено кај вас: дали зборот Бугарин нема да стане прозивка за варварство! Или поточно: дали Џarapoв, обвинувајќи го невиниот бугарски народ, одново зарем не се обидува зад грб да му мавта со својот наточен нож! Не случајно извикувате: „денешното возрасно веќе изморено поколение на Бугарија, може да биде задоволно од историската жрепка: му беше судено да преживее неколку револуции во кои на историската сцена не стоеше како статист туку како активен учесник.“
Но, јас не ви пишувам поттикнат од овие нешта — туку поттикнат пред се’ од вас лично: вие и’ се обративте на бугарската јавност за карактерот на фантомските болки но и за — ИМЕТО! И јас одново ќе повторам: времето не е сега за лични истории — но низ судбината на одделните личности се остварува животот во својата целост. Доколку веќе не можеме и не умееме да го спасиме индивидуалното во светот — тоа барем да го заштитиме индивидуалното во себеси! Така, тргнувајќи од ова, јас ви се обраќам овојпат на тема: ИМЕТО! Вашиот морален став, вашиот поглед кон прашањето за обесправеното турско население во Бугарија вие го соопштивте во повеќе прилики, и тоа е директниот повод за овие мои редови.
„Моето име — понижен; моето презиме — навреден; мојата епоха — камена епоха!“ Еве, на овој начин, поетот Еме Сезар би и’ се придружил на вашата размисла за ИМЕТО.
„Имињита не им се ни браќа ни синови туку татковците на нештата им се“ — би додал за името поетот Чеслав Милош. И одамна, и пред Сезар, и пред Милош, уште во Книгата на создавањето (2.18 — 2.20), увидел Бог дека не е добро човекот да остане сам па затоа ги создал и добитокот и животните и птиците, и му ги предочил на човекот за да ги именува. Така човекот им ставил имиња и на добитокот, и на сите птици во воздухот и на сите животни во полето. Именувајќи ги — човекот се здобил и со сила над нив.
Во името човеково судбински е отелотворена неговата душевна мапа. Човекот сака да поверува дека е господар на себеси: на својата душа и на своите чувства; да поверува дека спаѓа меѓу најневините суштества кои со ништо не придонесуваат за тоталитетот на непомирливите антиномии во кои опстојува. Човековото „јас“ е несвесно, вродено јадро на нашето битие, кое само делумно се обелоденува. Колку тоа наше „јас“ ке се развие зависи и од нашиот свесен однос кон него, зависи од тоа колку и ние самите ја зголемуваме својата рецептивна моќ и сензитивност. Ништо не значи дарата само по себе доколку неа не ја открие или наслути нашето „јас“. Таа дарба како и да не постои без него: во семето на планинскиот бор, во невидлив облик е содржана недогледна шума борови извишени до небеса. Но, само и доколку семето падне на одредено место и во одредено време, доколку семето падне на соодветна почва, на соодветна влага — ќе може да смета на род. На какви ветрови ќе наиде семето кое паѓа, на какви сончеви посебности и мени — од сето тоа зависи што ќе се случи утре со него. Борот во семето има едно свое скриено „јас“, преку кое знае да избега од камењето, да ја набара влагата, да се обликува.
Со сигурност се’ уште не знаеме дали борот е свесен за својот раст, низ какви проломи минува, какви страдања доживува низ суровите мени и промени, но, со апсолутна сигурност знаеме дека човекот свесно учествува во својот развој. Човековото „јас“ го слуша и најтивкиот довик на нашиот внатрешен порив за раст, го насочува и осмислува нашиот раст. Тој наш раст е инкарниран – во името! Вие, почитувана Блага Димитрова, на сето ова би додале: „личното име ти не си го избираш сам (како и родителите) но макотрпно сам си го создаваш него низ целиот живот — од првите до последните сознанија.“ Готов си на сите лишувања и страдања само за да го сочуваш.
Во нашето „јас“ е содржана смислата на една автономност, независна од нашата волја. При секој обид да воспоставиме подиректен допир со неа — таа се крие од нас, исчезнува. Но, и така скриена и невидлива, таа има сила да не’ наведе на нешто и против својата волја: се раѓаме подготвени за еден список автоматски функции, подготвени со извесен список модели на однесување кои се искажуваат во облик на архетипски слики и форми кои не се резултат на наше интелектуално осмислување.
Со последново — тие подоцна, се наградуваат. Така, почитувана Блага Димитрова, во вашето „јас“ е населена неоскверната чест, висок порив за саможртва во одбрана на човекот: ете, јас тоа го восфалувам и кружам околу одговорот на прашањето што го поставивте за ИМЕТО.
Многумина поети — и’ припаѓаат на една голема нужност: архетипот во личноста на поетот е голема енергија која има сопствена автономија, зашто тој архетип е повисок ред на инстинктите. Вo одреден момент, значи, одново низ вас проrовори автономноста на вашето „јас“: бранејќи го ИМЕТО — да го одбраните човекот. Тоа, само е еден мал мит, кој ќе се провлекува низ времето на ниво на големи идеи, на ниво на големи духовни движења.
Достатно прониклив, само низ внимателно посматрање на своите германски пациенти, Јунг го предвиде искажувањето на нацистите во Германија. Тие имале соништа во кои целата таа работа била антиципирана. И тоа прилично добро. Јунг сето тоа го осознал само преку посматрање на несвесното. А вие, пред себеси како постојано да го имавте Лао Це:
Кога би можеле да го откриеме патот
Тоа не би бил вечен пат.
Кога би можеле да му ставиме име
Тоа не би било вечно име.
Она што е без име
Тоа е почетокот на небото и земјата
Она што е со име
Мајка е на илјадници битија.
Стоевте над овие стихови и небаре гледавте луѓето како доаѓаат пред Ѕидот на плачот, како паѓаат крај неговите урнатини за да ја оживеат и својата мртва земја и пред се’ — своето мртво ИМЕ. Низ нив вие гледавте дека слободата е опасно нешто и дека да се живее за неа е исклучително заносно и тешко. Ја гледавте, со други зборови, земјописната карта на ИМЕТО на човекот. (ПРОДОЛЖУВА)






