И привремената влада на Бугарија немало да го тргне ветото за старт на преговори на Македонија за членство во Европската унија! Тууу, бе! Јаз’к! Уште една статива, а?
Пак ли нема да почнат да преговараат, а ќе навршат три години откога со сите „таламбаси“ најавија и на сите ѕвона се испофалија дека добиле датум. А тоа навистина да ти било датум за преговори. Ама не со ЕУ, туку со Бугарија!
Сите во Брисел го испотапкаа по рамо Заев, импресионирани од величествените достигнувања на неговата влада, од реформите по кои тече мед и млеко низ македонските улици. А среќните граѓани на Македонија не само што на ум не им паѓа да се иселат, ами и тие што се зафркнаа да си заминат сега кога е најинтересно, побрзаа назад во татковината заедно со илјадници Норвежани, Швајцарци, Германци, Французи.
Арно ама, секогаш има едно „ама“ што на девојката ѝ ја расипува среќата. Шампионите на реформите во Европа, светот, Млечниот пат и пошироко требало само уште со источниот сосед да најдат заеднички јазик, откако со договор прифатија дека имаат заедничка историја. И замандалената огромна повеќетонска челична врата на замислениот рај на Земјата ќе им се подотвори. И ќе уживаат со просечна плата од неколку илјади евра, без да се помачат, зошто многу им се симпатични на Европејциве, па севезден прашуваат што ги нема досега.
Но, како во секоја психодрама без хепиенд, ништо од ова во догледно време. Попусто им било раздавањето на безмалку сè македонско со Преспанскиот договор, ако не им се смета за некаква компензација членството во НАТО. Всушност, само за тоа и ги натераа да го сменат името, спротивно на волјата на две третини од граѓаните, ама овие си мислеа дека со еден удар ќе отепаат две муви, па се полакомија и со влез во ЕУ со истите отстапки.
Резултатот „дупло голо“ од коленичењето на Заев во Брисел, меѓутоа, ги соочи „визионериве“ со суровата реалност дека за бадијала ја продале кожата на Македонците. Унијата во моментов е утопија не само поради Бугарија, туку и поради катастрофалното владеење во Македонија последниве четири години, кога не поминува ден без скандали, без галопирачка корупција, неспособност, аздисување и сеопшта неодговорност на самозамислените месии.
Сега можат да глумат патриоти колку сакаат. Демек, не сакале ЕУ по цена на македонскиот идентитет и јазик. Џабе. Не им вреди удирањето в гради ни „пишљив боб“. Прочитани се одамна колку им е до македонштината.
Единственото нешто што може колку-толку да им ја намали одговорноста за велепредавството е да почнат да го враќаат името Република Македонија, за почеток за внатрешна употреба. Во Северноатлантската алијанса не постои механизам за исфрлање земја-членка, а дури и капитулацијата од Нивици предвидува постепено преименување на институциите и измена на документите паралелно со отворањето на соодветните поглавја во преговорите со ЕУ. За што несреќиве на власт можат само да сонуваат без целосно обезличување на македонскиот народ и на неговата матична држава.
Ќе го вратат ли државното име, за чија промена не добија согласност од граѓаните на референдум, па некој да се излаже да им поверува во патриотизмот што се обидуваат да ѝ го продадат на македонската јавност? И зошто не?
Па што и ако паднат од власт, зошто ДУИ и БЕСА сигурно нема да поддржат таков радикален пресврт? Вистински патриоти не се плашат (славно) да загинат.
Или ова им е само провиден маневар? Очаен потег соочени со ќорсокакот во европската интеграција, а пред локалните избори, на кои немаат ама баш ништо да понудат, со оглед на тоа што нивните градоначалници и општински совети го преспаа мандатот што им истекува.
Како и да е. „Њама“ ЕУ? Сеедно. Името да го вратите!





