Јордан Величков, универзитетски професор по меѓународни односи и поранешен пратеник, во најчитаниот напис во бугарскиот весник „Труд“ со бомбастичен наслов „Има план дел од РС Македонија да стане Јужна Србија“ тврди дека „политиката на Скопје кон Бугарија не се определува од македонистите, туку од Белград“.
„Одлуката на македонистите да отворат српски културен центар во Скопје, да наметнат изучување на српски јазик во училиштата и да водат заедничка политика со Белград за заштита на нивните национални малцинства сведочи за недвосмислената намера на РС Македонија и на Србија да започнат претпристапни чекори за обединување на двете држави. Очигледно, ваквиот чин беше охрабрен од иницијативата на Тирана и на Приштина за заеднички премиер и претседател, чекор во духот на преовладувачката идеја во Албанија, во Косово и во албанските раководни средини во Скопје за обединување на сите Албанци во една држава“, пишува Величков.
„Веројатно, со реализацијата на албанското обединување, кое не е прашање дали, туку кога ќе се реализира, бидејќи има топла поддршка од Ердоган и премолчена согласност на Вашингтон, доаѓа ѕвездениот момент за српската националистичка кохорта. Нејзините стогодишни бесни напори, неверојатен терор и фрлени огромни човечки и финансиски ресурси ќе бидат наградени. Дел од РС Македонија ќе биде вклучен во српските граници и ќе стане Јужна Србија. Тоа не е хипотетичка, туку реална перспектива. Такви се, всушност, логичните последици од безличната, неспособна, неконзистентна, продажна, сервилна и сателитска стогодишна политика на бугарските влади, кои дури и не сфатија дека против себе имаат искусни, разиграни, одговорни, доследни српски политичари посветени на нивната националистичка кауза“, заклучува правникот, историчар и експретседател на Сојузот на патриотските сили „Заштита“.






