Има ли ,,Огнената група” свој ,,спијач” министер во врвот на ДУИ?

Покрај луѓето кои јавно се придружија кон фракцијата во ДУИ позната како ,,Огнена група” во партијата која практично ја води владата има и министри кои не откриваат јавно дали го поддржуваат партиското раководство на Али Ахмети и Артан Груби или се против нив.



Извори во ДУИ тврдат дека еден од тие можни ,,спијачи” што упорно мудро молчат и не се изјаснуваат дали се контра Груби е министерот за финансии Фатмир Бесими кој избегнува било каков јавен коментар контра или за ,,Огнената група” чии неформални лидери се Изет Меџити и Муса Џафери.

Во светот на разузнавањето ,,спијач” е агент кој може со години да биде инфилтриран во некоја земја, организација или група со цел да биде употребен во вистински момент.

На Бесими во ДУИ му забележуваат дека чека да види која од двете фракции ќе добие поголема поддршка во јавноста по што ќе се приклони кон едната или другата страна.

На министерот за финансии му се забележува и дека е премногу близок со високи функционери на СДСМ.

Ваквата политика на министерот за финансии иритира многумина во крилото на Груби и од таму очекуваат Бесими во најбрз можен рок да се изјасни дали е на линија на Ахмети или ја преферира Огнената група.

Според извори во двете фракции во ДУИ има повеќе видни членови од раководството кои во јавноста не искажуваат јасен став за судирот во ДУИ во обид да станат дел од победничката фракција кога ќе заврши судирот.

Ваквото дволични однесување може да им се врати како бумеранг пред следните избори затоа што ниту една од страните нема да толерира луѓе кои молчеле и не дале поддршка додека траела битката меѓу двете страни, коментира еден поддржувач на ДУИ кој одлично ги познава состојбите во партијата.

Според него ,,Во ДУИ се урнати сите мостови меѓу двете фракции, и ќе биде многу тешко да се дојде до некаков договор за заедничко егзистирање на спротивставените страни”.

Радикализацијата меѓу луѓето е толку голема што во моментов нема условно речено трета страна која што може да ги седне на маса групите на Груби и Меџити, смета изворот кој единствен спас за состојбата гледа во албанскиот премиер Еди Рама или некој од косовските политичари.