Има јавен повик за китењето од 30.000 евра, ама не го покажувам, вели градоначалничката

Кој кого лаже?! Градоначалничката Данела Арсовска вели дека распишала јавен повик за новогодишното украсување од 30.000 евра, ама не го покажува. Откако порталот „СакамДаКажам“ објави дека нема ниту јавен повик ни јавна набавка за украсувањето на Скопје и дека Арсовска не одговара на прашањата каде е објавен повикот, таа на својот фејсбук профил објави дека тој бил спроведен на транспарентен начин како и сите други јавни набавки. Но, повторно не го објави ниту го покажа склучениот договор.



Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици“, објави Арсовска на Фејсбук.

Таа објави и принтскрин од список на договори склучени во периодот од 2011 до 2019 од претходни раководства на Градот за кои имало јавна набавка. Фотографија ниту линк од јавниот повик кој таа го објавила и склучениот договор повторно не објави.

Арсовска комуницира со јавноста исклучиво со фејсбук објави, а не свикува прес-конференција за да можат новинарите да ја прашаат околу целата постапка, кој украсува, од каде се купени украсите, кој ги поставува куќарките на Плоштад, дали ќе има новогодишна прослава, кој ќе пее и кој ќе ги плати пејачите.

Денеска, Основното јавно обвинителство најави дека ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки за начинот на кој се потрошени буџетски 30.000 евра за новогодишно украсување.

Финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, Обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, ни рекоа од Обвинителството.