Македонската активистка од Италија, Илона Захариева, со нов прилог кон дискусијата за начинот на гласањето на дијаспората на претстојните парламентарни избори на 12 април.



„Морам повторно да се навратам на темата гласање во дијаспората и наметнатиот цензус. Индикативно, само ќе спомнам како е регулирано во италијанското иселеништво: гласањето се врши по пошта, светот е поделен на четири изборни единици, по еден претставник од четирите дела – загарантиран. Моментално има 18 претставници, што процентуално според бројот на пратеници одговара на три кај нас (реално). Ги споредувам овие податоци без да водам сметка на процентуалниот однос жители – дијаспора.
Околу трошоците за изборните комисии. Во Венеција, на пример, имате моментално четири функционери, зошто ви е цела комисија од Македонија?
Оние што се најгласни за патните трошоци на пратеници од дијаспората: Мира Дизел и Тунтев помалку чинат? Дваесетчлена ‘делегација’ во Брисел колку чини? А сафарито во Кенија, саем или што беше за култура во Кина, апетитките во СЈО? Каков бенефит има државата од наброените ‘активности’? Или, пак, од 40 илјади евра стипендија на третата генерација цицачи на буџетот кои ви го избришаа идентитетот.
На кој начин пратениците го полнат буџетот? За разлика од дијаспората, која го полни буџетот (не сакам да звучам нескромно и нападно), добар дел од пратениците одат во македонското Собрание само да заработат од патните трошоци (нормално, секоја чест на исклучоците). Речете дека не е така? Зошто е толку болно да имате минимум тројца луѓе кои ќе ги застапуваат интересите на половина милион Македонци во светот?
Треба навистина да се замислите, а и да се засрамите, сите: политичари, функционери, новинари, обични граѓани и сите оние кои изразуваат нетрпеливост кон иселениците, ама нели, со Бугарите сте с’штите, со Грците пријатели, па можете слободно да ги изолирате вашите вистински браќа по светот.
Зарем по малку основи сме поделени?“, прашува претседателката на здружението „Камен Мост“ од Канели.