Владата доцни со новиот сет антикризни мерки – бизнис заедницата алармира дека никаде ја нема помошта од која зависи опстанокот на илјадници компании. Првиот човек на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Неби Хоџа, предупредува дека доколку државата итно не преземе конкретни чекори со кои ќе го олесни работењето на фирмите во време на енергерска криза, на стопанството му се заканува целосен колапс.
И Стопанската Комора на Македонија бара итни мерки. Оттаму уште пред една година предупредија дека претстои тежок период. Според првиот човек на Комората, Бранко Азески, поради задоцнетите реакции државата се доведува во ситуација повторно да решава социјални случаи кои што ќе седат дома, наместо да одат на работа преку зголемување на економската активност на стопанските субјекти.
И од Сојузот на синдикати на Македонија реагираат на задоцнетата и недоволна помош. По нјавите за намалување на дел од платите во јавниот сектор, првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, предупредува дека Владата не смее да штеди работниците при инфлација од 18.7% инфлација и до 100% зголемени цени на основните прехранбени производи.
Претходно, и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го оцени пакетот антикризни мерки како лош и излезе со свои предлози. Предвидува ноќните вишоци на струја да се продаваат поевтино на компаниите, недела неработен ден да се замени со кој било друг ден во неделата и да се воведе викенд без ДДВ за прехранбените производи.





