Поранешната министерка за надворешни работи на Република Македонија, Илинка Митрева смета дека ставовите на Заев во интервјуто за БГНЕС пратставуваат завршен удар што тој ѝ го задава на Македонија.



„Почна од Преспа и промената на името на нашата држава, а сега посегна по идентитетот, јазикот и историјата – по ноторни историски факти, фашистичката окупација на Македонија. Капитулираше пред најголемиот напад со кој се соочила Македонија од почетокот на нејзиното постоење: уцени, притисоци и барања што задираат во темелите на македонската нација“ вели Mитрева како што пренесе „Плусинфо“.

Екс-министерката вели дека евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот.

„Време е Заев да се соочи со судот на јавноста. Нема простор за политички манипулации и дообјаснувања во СДСМ, нема простор за амнестија. Но, има простор за вонреден конгрес“.

Митрева смета дека е време „да се испрати натпартиска порака до сите општествени и политички сили во нашата земја, до сите граѓани, да се обединиме пред тешките предизвици што ни претстојат“.

„Како поранешен политички деец, но и како граѓанин, имам право и обврска да застанам во одбрана на националната гордост“, заклучува професорката Митрева.