Националните историографии, кои во најголем дел почнале да се развиваат во текот на XIX век, во својата основа ја содржат концепцијата на нацијата како една од најзначајните категории преку кои се конструирани претставите за просторот и идејата за времето. Ваквиот процес не изостанал и во историографиите на балканските држави, кои биле создадени во текот на XIX и ХХ век со формирањето на модерните нации-држави на Балканскиот Полуостров.

Во неколку етапи, постепено, балканските историчари ја креирале и инкорпорирале националната нарација во своите историографии, која, покрај развојот на историската наука, во најголем дел била во насока на градењето на нацијата-држава и развојот на националниот мит.
Имено, националната нарација ја дефинира припадноста на националниот колектив и ја отелотворува нацијата; ги обединува идентитетите во сферата на институциите и симболите; влијае, појаснува и обединува различни традиции, со што ја гради националната култура. Па така, изградбата на националниот наратив ја реконструира перцепцијата на времето, давајќи му ново значење и ја претставува нацијата како активен историчар, кој преку наративот стекнува нов историски идентитет.
Ваквата поставеност, која е карактеристична за најголем дел од современите нации-држави, несомнено го поставува, т.е. трансформира Илинден од чисто историски настан во национален бит на македонскиот етникум кој е и базичната основа на македонската нација. Оттука, со впишувањето на имињата на одредени настани и поединци во поширокиот национален наратив од страна на државата, тие се отстрануваат од сферата на јавното толкување и добиваат посебен статус на национални настани и херои, при што се истакнува нивниот придонес и жртви во создавањето на нацијата. Или едноставно за нив не се дискутира.
Но што се случи во последните години? Наместо државата, со двата познати меѓудржавни договори, да биде заштитник и покровител на ваквите личности и настани, таа од национални симболи ги врати назад на ниво на дебата за историски настани и личности. А како што напоменавме за националните митови и наративи на една нација не се дискутира во еден опсег на политичко-државни договори. Напротив, тие треба да останат во научната дебата, која несомнено се практикуваше и пред потпишувањето на овие договори. Самиот момент што се отворени вакви прашања, без разлика на исходот од преговорите, предзивикува разнишување на темелите на националниот мит, а со тоа и на самата нација.
Оттука, неприфатливо е за припадниците на една нација да се „наддаваат“ со нејзините национални симболи, односно да се деградираат истите, со што се повредуваат чувствата на припадниците на самата нација, а истовремено и да создадат долгорочни послединици во националното битисување на еден народ.






