Избраниците на селекторот Игор Ангеловски ич да не берат гајле што ќе направат на Европското првенство во фудбал. Тие се веќе шампиони во очите на македонските вљубеници во најважната споредна работа на светот. Со самиот пласман на ЕП ја направија нацијата горда, го разбудија чувството на заедништво, на припадност кон ова парче земја. Во екот на најжестоките негирања, оспорувања и блокади ги сплотија граѓаните на Македонија околу една цел.
Што и да се случи во Букурешт и во Амстердам, а потоа, дај Боже, и во елиминациските рунди, момчињата во црвено-жолти дресови се веќе бесмртни во пантеонот на македонскиот фудбал. Сјајот на златните букви со кои уште сега се испишани нивните имиња во историјата на „буба-марата“ во оваа земја не можат да го поматат ни најновите посегања од јужниот сосед и од некакви си колумнисти. Не можеа поинаку да им наштетат, па, ај што можат само да им плукнат под прозорец на македонските фудбалски херои, решија да им напакостат непосредно пред дебито на еврошампионатите.
На грчкиот министер за спорт, на пример, само два дена пред дуелот Македонија – Австрија му текна да се жали во УЕФА за кратенката ФФМ на македонските дресови, бидејќи била спротивна на духот на Преспанскиот договор. А имаше цели три години по потпишувањето на спогодбата за да протестира кај првиот човек на европската куќа на фудбалот Александар Чеферин, бидејќи логото на Фудбалската федерација на Македонија не стои на дресовите од вчера. Плус самиот министер признава дека никаде во фамозниот договор од Нивици не е регулирана употребата на кратенките, така што ФФМ нема никакви обврски кон Грција во тој дел.
Кој беше мотивот, пак, на оној професор на колеџ во Косово, а во суштина со ништо непредизвикан провокатор, кој во ретко мизерна и неиздржана колумна ја брани квази тезата дека „мнозинството македонски Албанци немаат чувства кон македонската репрезентација“? Како тоа Барди, Адеми, Муслиу, Бејтулаи, Хасани гинат во дресот на Македонија и споделуваат радост и тага со соиграчите од националниот тим, а нивните сонародници демек се рамнодушни кога некој од нив ќе постигне гол или кога ќе победи македонскиот тим?!
Овие бедни обиди да се направи проблем таму кај што го нема, да се поткопа единството во репрезентацијата, да се внесе сомнеж дека некој можеби и нема да се залага колку што треба, а придонел, да речеме, да се елиминира Косово во Лигата на нациите, треба да бидат само мотив повеќе. Македонците исклучително го ценат печатот што врз играта на државната селекција го ставаат и петтемина наведени, исто колку и тој на Елмас, Алиоски, Пандев, Ристовски, Велковски итн.
Во суштина, мрчаторите се само љубоморни за подвигот на фудбалска Македонија. Ќе си пукнат од мака што ни Грција, ни Косово, исто како и Србија, Бугарија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, не се пласираа на ЕП, па ќе мораат на телевизија да ги гледаат – македонските репрезентативци.
Македонија апсолутно го заслужи настапот на најголемата фудбалска смотра на стариот континент, иако за неа не се избори преку квалификациите, туку како најдобра во сегментот Д од Лигата на нациите. Запнале многумина токму поради тоа да ѝ го оспоруваат учеството на ЕП, иако Македонија само профитира од новиот квалификациски систем. Исто како што Вардар го искористи стартот со -6 бодови на 12 од тогашните 18 прволигаши и стана првак на Југославија во сезоната 1986/87. Некои се обидоа на граѓански суд да ја оспорат конечната табела, но за УЕФА нема(ше) дилеми дека најтрофејниот македонски клуб е шампионот.
Ако некој и се сомневал во квалитетот на овој македонски состав, величествениот триумф од 2:1 над Германија на нејзин терен во мундијалските квалификации им ги затна устите. Оваа Македонија покажа и докажа дека може да игра на победа против секого, а дополнителна инспирација на играчите бездруго треба да им биде улогата на најголем аутсајдер на првенството што им ја доделија обложувалниците.
Поради сето ова, момчињата со сончеви зраци на дресовите нека играат првенствено за своја душа и за – Македонија. Нека уживаат во секој миг поминат на теренот и нека не се обѕрнуваат на злите погледи и јазици. Немаат што да загубат, зошто веќе го остварија тоа што на никој друг од нивните претходници во Македонија не му појде од рака во изминативе три децении самостојна држава. А можат и тие, и Македонија многу, многу да добијат.






