„Игра“ ли тимот на Филипче со коронатестовите поради Заев и лошите проценки – Горан Момироски

Да се постави вакво прашање за човекот кој што според анкетите сега е попопуларен од сите негови сопартијци е ризик но и обврска имајќи предвид дека со недели од повеќе извори слушам информации дека „нешто смрди“ во
„бизнисот“ со тестирање.



Оваа колумна е и глас на тие луѓе кои не ги интересира политика но не сакаат тие и граѓаните да бидат жртви на политичките планови и амбиции.

Повеќе здравствени работници со кои во обид да ги разберам „игрите“ интензивно разговарам десетина дена а кои се со огромно искуство на важни функции во здравството (некои и во моментов) сметаат дека министерот Венко Филипче „игра“ со тестовите за утврдување на носители на коронавирусот од две причини.

Експертите кои се блиски на една партија од немакедонските заедници бараат нивната партија да не калкулира и јавно да излезе со барање Филипче да го зголеми бројот на тестовите за да се види реалната слика за пандемијата во Макеоднија. Засега нивната партија молчи на темата во име на некакво единство но веројатно и поради некаков страв дека со конфликт ќе отвори и други сега подзатворени рани.

Моите извори инсистираат на анонимност поради страв од реваншизам од тимот на министерот но тврдат дека од пред триесетина дена соработниците на Филипче започнале со координирана акција за намалување на бројот на тестовите за Ковид19 со цел да се држи вкупната бројка на заболени под 2000.

Токму оваа бројка Филипче ја кажа како максимална пред околу 7 недели.

Според експертите за оваа тема Македонија во моментов има капацитет за тестирање најмалку 750 граѓани дневно но тоа не се прави затоа што ако се користат сите капацитети бројот на заболени брзо далеку ќе се надмине бројот од 2000 заболени кој го проектираше министерот во првиот период од кризата.

Со цел да не излезе дека тој згрешил во проценките и да не преземе одговорност сега Филипче се обидува со 200 до 500 тестови дневно да ја држи бројката на заболени под 2000 илјади и така да се претставува дека ја има работата под контрола.

Понатаму добро информирани здравствени работници тврдат дека дел од оваа операција за држење на бројот под 2000 илјади е и зголемувањето на цените во приватните здравствени институции каде се вршат тестови за Ковид19 од 1500/1800 на 3950 денари со што огромен дел од граѓаните не можат сами да се тестираат. Со тоа уште повеќе се намалува реалната бројка на заболени.

Посебна приказна е „војната“ што министерството за здравство ја објави на КБ Аџибдем-Систина со чиј капацитет за тестирање за сите видови тестови, вклучително и за тие што ги признава Филипче, земјата ќе можеше лесно да прави 1000 тестирања дневно.

Оваа бројка од околу 1000 тестови дневно како капацитет на државата беше спомената од официјален претставник на здравствена институција на 14 април кога беше најавено дека во тестирањето се вклучи и МАНУ и Центарот за јавно здравје во Скопје.

Паралелно со ова, здравствените институции под контрола на тимот на Филипче прават неформални напори да се намали бројот на тестирани кои што ги препорачуваат матичните лекари, тврдат здравствени работници.

Дека нешто не е во ред покажува и вчерашната статистика. Само во текот на вчерашниот ден се покажа дека речиси 9 проценти од тестираните се заболени што значи дека ако се тестира(ло) секој ден во полн капацитет на институциите за само последниве три недели Македонија ќе има(ла) над 2000 заболени.

Втората причина зошто Филипче не сака да тестира, тврдат нашите извори, е исклучително големиот притисок од Зоран Заев да се објавува помала бројка на заболени со цел да се прикаже дека опасноста е намалена и да се отвори простор за барањето на лидерот на СДСМ за избори во јуни.

Луѓето во здравството знаат за конфликтот меѓу Заев и Филипче кој се случил откако министерот на прес конференција на 26 април рече дека не се разговара за избори додека трае пандемијата и практично ја отфрли можноста за брзи избори.

Според моите извори веднаш по оваа изјава Филипче имал тежок разговор со екс премиерот во кој му било кажано дека тој не е човекот кој одлучува кога ќе бидат изборите по што, како што и можеше да се види во наредните денови го смени тонот и индиректно почна да создава терен за барањето на Заев за брзи избори.

И без оваа колумна прашањето зошто Македонија е на дното на земјите кои што вршат тестирања за Ковид19 останува отворено. Ова прашање е директно поврзано и со високиот процент на смртност во земјава за кој власта се уште не дала соодветен одговор.

За потсетување на тие што носат одлуки и евентуално манипулираат со информации кои можат да го загрозат јавното здравје. Членовите од кривичниот законик 205 и 206 се однесуваат и на сите кои што со криење или манипулација на информации можат да предизвикаат смрт или други тешки последици.

А тие дела не застаруваат.