Докторот по кинеска филологија Игор Радев во интервјуто за актуелните јазични прашања со Бугарија вели дека правото на слободно носење одлуки за вакви прашања е дел од дефиницијата на државен суверенитет, и тука нема што некој од страна да се меша.



„Мислам дека еден од основните извори на проблемот е во пренагласеното чувство на истоветност, коешто во Бугарија акутно се негува во однос на Македонија. Значи, сè што е сврзано со Македонија од историски, културен и јазичен аспект мора да биде квалификувано исклучиво со придавката „бугарско“. Следствено, во таква една атмосфера станува немисливо дека во Македонија може во официјално својство да се употребува јазик што не е означен како „бугарски“, туку како „македонски“.

Општествената свест во Бугарија, можам да речам дека во тоа е и доста искрена, на психолошко рамниште на Македонија и на сè македонско гледа безмалку како на ампутиран дел од сопственото тело. Многу тешко е да се прифати дека Македонија сега опстојува веќе како посебна нација, точно, многу блиска, но со свои атрибути, вклучително и јазикот. Токму ова доведува до трагичен заплет во приказната. Имено, на моменти се добива впечаток дека Бугарија тежнее такаречи да нè задуши во „прегратка“, да нè „влее“ во себеси, но со таа постапка го постигнува токму спротивниот ефект, па колку што таа повеќе стега, толку оној што е „прегрнуван“ пожестоко се оттргнува, дејство што „прегрнувачот“ го смета за изневерување, за кое сака да се одмазди. Знам, звучи доста заплеткано“ вели Радев.

Во интервјуто за МКД.МК Редв се осврнува и на двојните или тројните како што вели стандари на ЕУ:

„Некој тука можеби ќе забележи – па не нè уценува и условува ЕУ, туку Бугарија. Не.

Оној миг кога цинично ни беше кажано ние „првин билатерално да си ги решиме несогласувањата“, јасно е веќе кој нè уценува.

За да ме сфатите, ќе ја употребам следнава споредба: замислете вашиот син пред ваши очи да тепа и малтретира некое помало и послабо дете, притоа повикувајќи се на вашиот авторитет (во стилот – „не знаеш ти кој е татко ми“), а вие тоа мирно го гледате и да им велите – „деца, решете си го несогласувањето сами, а после ќе видиме“.