Дисциплинската постапка за однесувањето на собранискиот спикер, Талат Џафери кон вработени во Собранието, би требало да започне идната недела.
Џафери недолично се обраќаше кон вработени од собраниската служба за што постои и снимка која беше споделена и на социјалните мрежи.
Претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни работи, Панчо Минов изјавил дека пријавата од ВМРО-ДПМНЕ со доказите е примена и таа во рок од 7 дена ќе биде дистрибуирана до членовите на работното тело, по што веднаш ќе биде свикана седница.
Седницата ќе биде отворена за јавност, на неа ќе бидат повикани сведоци, а Џафери може и претходно да се изјасни за наводите против него, објави Фокус.
Каква одлука ќе биде донесена ќе зависи од гласањето на комисијата, каде соодносот е пет спрема четири за власта.







