Идеологот на „Ветвендосје“ Ферај: Албанците од РМ да бидат посвесни за силата, што ја имаат, и да го следат како патоказ Демаќи – деецот за „Велика Албанија“!

„Хусамедин Ферај во изјава за агенцијата ИНА зборуваше за ликот на Демаќи како ‘Мандела на Албанците’, велејќи дека тој треба да биде патоказ за сите нас во која насока да одиме.“објави информативната агенција Илирија – ИНА во својата информација со наслов „Ферај: Албанците во Македонија се дезориентирани, треба да бидат посвесни за силата, што ја имаат“.



ИНА пишува: „Ова не е само улицата ‘Адем Демаќи’, туку всушност Адем Демаќи е самиот пат, по кој  треба да се оди. Се надевам дека ќе биде патоказ, како што бил отсекогаш за сите нас. Затоа, уште еднаш нагласувам: ова не е улицата ‘Адем Демаќи’, туку Адем Демаќи е патот.“ – изјави Хусамедин Ферај.“

Инаку, Ферај е еден од политичките советници на косовскиот премиер Албин Курти со најголемо влијание врз него, едновремено и идеолог на владејачката косовска партија „Ветвендосје“ („Самопределување“). Оваа изјава тој ја даде вчера во Чаир, Скопје, при „свеченото прогласување“ на преименуваната улица „Адем Демаќи“, до вчера со име „Втора македонска ударна бригада“.

Следејќи го својот партиски шеф Курти, Ферај вчера од главниот град на Македонија ги повика Албанците од оваа држава да го следат Адем Демаќи како „патоказ“ и „пат, по кој треба и тие да одат“. „Експрес“ вчера објави неколку факти за личноста и дејноста на Адем Демаќи и овојпат ги повторуваме, за да се „согледа“ уште еднаш патот, на кој им се сугерира на Албанците од Македонија да тргнат.

„Подготвен сум да одам во смрт за Косово и Етничка Албанија.“ – ќе каже уште во 1959 година Адем Демаќи на судење против него поради неговите заложби за „Косово Република и обединување на сите албански простори заедно со Чамерија“. На тоа судење Демаќи ќе нагласи дека „без обединување на Косово со Албанија нема да има мир на Балканот.“ На 28 ноември 1963 Адем Демаќи со група истомисленици и содејци го организира илегалното „Револуционерно движење за обединување на Албанците“, чија цел е „да се осигура правото на самоопределување на Албанците до целосно отцепување на подрачјата каде што се мнозинство во Југославија“.

ИНА во својата информација исто така пишува: „Хусамедин Ферај ги коментираше и случувањата во * Македонија и позицијата на Албанците, оценувајќи дека процесот не се движи во потребната насока.“

„Случувањата во Македонија се многу млаки. Голем дел од граѓаните, особено Албанците, се дезориентирани. Би сакал да им биде појасна моќта што ја имаат, за да донесат промени.’ – рече Ферај.“

Инаку, Хусамедин Ферај, кој е многу високо позиционирана политичка личност во Косово, еднаш веќе им упати повик на Албанците од Македонија „исто како и Грција и Бугарија кон Р*М, да започнат и тие да применуваат сила, заради признавањето и издигнувањето на својот уставен статус како народ, на тој начин да си ги добијат своите права“.

Потсетуваме, во својата скандалозна колумна со наслов „Да бев Албанец во * Македонија“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“ на 28 јули годинава, Ферај имаше напишано: „„Македонските словенски властодршци ја разбираат само силата, но не и логиката и правото. Само благодарение на силата на Грција ѝ го сменија името на Републиката и само благодарение на силата на Бугарија ги вклучуваат Бугарите во нивниот устав. Бугарија и Грција имаат моќ да го условуваат и да го одложуваат членството на Р*М во ЕУ, заради своите права, а ЕУ ги одобрува нивните ставови и однесување кон Р*М. Исто како и Грција и Бугарија, треба и Албанците во Р*М да почнуваат да применуваат сила за признавање и издигнување на својот уставен статус како народ, но да побараат дури и подлабоки права за себе во дефиницијата на државата. Албанците во Македонија треба да ја поддржат предложената промена на уставот, поврзана со Бугарите.“